Поглед
Оригинална копија
Тина Иванова
Оригинална е идејата на Министерството за култура на своите конкурси од уметниците да бара оригиналност, а притоа да не ја проверува нивната оригиналност. Скулптурата „Мачка“ на уметникот Томе Аџиевски, која е дел од проектот „35 скулптури“ на Министерството за култура, поставена на улицата „Македонија“, спроти некогашно кино „Култура“, ја има и во дворот на АСУЦ „Боро Петрушевски“. Само што, оваа вторава нема златна боја, туку зелена.
Авторот вели дека е фасциниран од формата на мачката и ќе продолжи да ја работи и понатаму. Неговата египетска мачка ја имало и во Берлин, во една од државите на поранешна ЈУ, во големата сала на македонското Министерство за надворешни работи, во ателјето на авторот...
На уметниците никој не може да им каже, во случајов, колку мачки да работат, какви дела да прават, од што да се восхитуваат и фасцинираат. Тие имаат апсолутно право да создаваат што сакаат, а во тоа спаѓаат и циклусите, односно делата на иста тематика. И, тоа не е копирање зашто, како што и самите велат, не можат себеси да се копираат.
Но, бидејќи уметниците делата ги изложуваат за јавноста, а скулптурата покрај која секојдневно минуваат граѓаните ја доживуваат како копија, би било пожелно авторите да покажат барем малку поголема иницијатива, зашто, сепак, нивните дела се изложуваат на најпрометната улица во Скопје, на улицата „Македонија“.
„Мачка“ е дел од фамозно најавуваниот проект на Министерството за култура. Па, би било добро и оттаму некој од надлежните да ја провереше оригиналноста на творбите. Зашто токму тоа се бараше. Но, овој пример можеби ќе вреди за во иднина да не изникнат некаде во градов уште по еден бик, шмизла или манекен. |