Џиновски билборди незаконски и опасно закачени над зградите
Ризикот е голем и за минувачите и за објектите, бидејќи не се направени студии за нивната безбедност
Деспина Трајковска
Џиновски билборди веќе неколку месеци „висат“ на покривите од десетина станбени објекти. Никој од надлежните досега не интервенирал за нивно отстранување, иако признаваат дека паноата се поставени незаконски, односно без одобрение за поставување.
Пред очите на општинарите билбордите никнуваат на фреквентни локации, од што, покрај инвеститорот ќар имаат и станарите на зградите кои дале согласност за поставување на рекламните паноа. Свесно или не, куќните совети одобруваат рекламирање над нивните згради во замена инвеститорот да им реши некој од проблемите со кои се соочува зградата. Но, истовремено, билбордите не се безбедни ниту за објектот, ниту за околината, која редовно е многу фреквентна. Паноата имаат огромни димензии, па иако се поставени на метална конструкција, опасноста е многу голема особено кога има силни ветришта. Не помалку опасна е и нивната монтажа, со оглед на тежината на носечката конструкција. Прашање е дали воопшто некој од нив поседува каков било елаборат, или студија за безбедност.
Од општините потенцираат дека согласноста што ја даваат куќните совети за билбордите е занемарлива, имајќи предвид дека за нив е потребна дозвола од општината, бидејќи се третираат како градежни објекти. Така налага Законот за градење за сите рекламни паноа што зафаќаат површина поголема од 12 квадрати. А тие низ градов, особено оние во центарот, се токму такви и тоа е утврдено од страна на надлежните.
Милан Пижула, градежен инспектор во Општина Центар, признава дека пред очите на општината никнуваат џиновски билборди. Тој посочува дека досега, по пријава на граѓани, но и од теренската работа на инспекцијата било утврдено незаконското поставување на рекламните паноа.
„Досега не реагиравме, иако проблемот го следиме речиси повеќе од еден месец. Ја комплетираме документацијата. Досега регистриравме четири незаконско поставени билборди. Станува збор за рекламното пано над Ристиќева палата, на улицата ‘Даме Груев‘, потоа на зградата спроти Црвен крст и на почетокот на булеварот ‘Партизански одреди‘. Акцијата за утврдување на состојбите се' уште трае и сметам дека веднаш по Нова година ќе реагираме на терен, доколку во меѓувреме инвеститорите не обезбедат одобрение за нив, или пак сами не ги отстранат откако ќе им врачиме решенија за уривање“, уверува Пижула. |