Се продава државна земја на Водно за резиденција за верска заедница
Неофицијално, земјиштето за кое ќе се лицитира и' е ветено на Католичката црква
Министерството за транспорт и врски вчера објави продажба на градежна парцела на падините на Водно во Скопје наменета за изградба на резиденцијален објект за верска заедница. За парцелата од 1.805 квадратни метри ќе се лицитира за две недели, со почетна цена од 2.500 денари за квадрат. На јавната лицитација ќе можат да учествуваат сите верски заедници регистрирани во Централниот регистар.
Неофицијално дознаваме дека предметната државна парцела за продажба е ветена за потребите на Католичката црква, за изградба на резиденција за скопскиот бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов. Наводно, јавната објава е распишана поради законските постапки оти станува збор за државно земјиште кое најчесто мора да се отуѓи со лицитација. Бидејќи МПЦ има резиденција, ИВЗ наводно добила локација на скопско Кале, а од Еврејската заедница и Евангелистичко-методистичката црква не биле заинтересирани за изградба на резиденцијален објект, останува парцелата со сигурност да и' припадне на Католичката црква.
Согласно со условите на тендерот, јавното наддавање ќе може да се спроведе и со само еден заинтересиран учесник, односно во случајов од Католичката црква парцелата би ја купиле за нецели 80.000 евра доколку се има предвид дека во услови на наддавање со еден заинтересиран субјект, тоа да биде успешно потребно е најмалку едно „чекорно“ наддавање не помалку од 200 денари над почетната цена. (Дс.Т.) |