Кантар
Macedonia nostra турлитава
Агим Јонуз
Земјата не е ниту твоја ниту негова, а ниту, пак, моја како на цар, рече Соломон. Земјата не му припаѓа никому, туку сите ние - и' припаѓаме нејзе...
1. Дали се сакаме? Дали живееме едни со други или едни покрај други? Дали се почитуваме? Дали сме си душмани самите на себеси со тоа што не сакаме да признаеме дека не сме во право понекогаш, сметајќи дека само „нашето е в ред“!? Имаме ли мешани бракови доволно гарантирачки за мир и љубов? Колкава е масата македонска (демос) што е свесна за стварноста дека сме мултиетничка држава во која за многумина нема алтернатива? Живееме ли во земја која хипотетички е сечија и ничија?
Следува приказна: ...Отишле двајца соседи кај царот Соломон да побараат совет и чаре за тоа чија е земјата зад костените. Едниот колнел, викал, другиот навредувал, пцуел, а Соломон следел и молчел. По извесно време ги замолил да замолчат за да им го даде чарето и ја ставил главата на земја прашувајќи ја земјата чија е, на кого му припаѓа, за да пресече. По неколкуминутно молчење, станал од земја и им рекол на селаните: „Земјата рече дека не е ниту твоја ниту негова, а ниту, пак, моја како на цар. Земјата рече дека не му припаѓа никому, туку сите ние - и' припаѓаме нејзе...“
Јас велам - Македонија!...
2. Дали јавноста е соучесник во убиство? Ова прашање еднаш веќе го поставив, но не можам да издржам да не вреснам во јавноста повторно гледајќи како на раскрсниците во Скопје на повеќе од четириесет степени спијат бебиња во рацете на питачите!? Раскрсниците во Скопје се приказна за себе, но проблемот со бебињата е алармантен. Кога велам дали јавноста е соучесник во убиство, под тоа подразбирам податок дека никој ништо не презема да се спречи тие бебиња да бидат во рацете на питачите сред асфалт. Сред бел ден, кога ниту спортист не може да издржи на асфалтот, бебиња не постари од два-три месеци испуштаат душа замелушени? Што презема државата? Навистина ме нервира тоа што не може да минеш со кола по раскрсница, а да не се загледаш во таа беда. Македонија.
3. Амди Бајрам најтранспарентно пред камерите изјави во свој стил дека арамилакот, ете, „може да му се случи на секого“, башка дека тоа и не е некоја срамота, па дури ни за парламентарец што го претставува народот. Истовремено тој изјави и дека не се работи само за него туку дека внатре има најмалку 30-40 такви!!! Јас хип��тетички прашувам дали секој еден пратеник, а според Амдиевата теорија една третина од пратениците, што е изгласан од народот, а поддржан знаејќи дека е (повторно велам хипотетички) крадец - претставува огромна маса од народот што поддржува крадци. Како да ја протолкувам изјавата на Амди? Ајде, еве, да ги впрегнеме мозочните клетки и да ги удриме пропорциите на претставниците (по Амди) помножено со масата(број) на гласови. Добредојдовте, другарчиња. Каде? Па, во Македонија, де!
4. Во стилот на „Том и Џери“, во самиот почеток на конституирањето на новиот парламентарен состав едни не доаѓаат, па ќе чекаме да се налути некој друг, па да се сменат улогите, па на непочната работа на Собранието веќе се муабетат вакви и онакви навреди... До кога? Одиме во Европа. Кој? Па, Македонија!
5. Се шушка дека е сосема можно (така чув по чаршија) дека не' очекуваат предвремени локални избори некаде наесен! Наводно, сакал Груевски да си ја забетонира позицијата и, додека е жешка атмосферата, да покаже дека никој никогаш така не само што убедливо тепал туку и дека треба еднаш за навек да се знае кој е кој во историјата на македонската држава! Чаршијата како јадач на бурек си прави разни филмови во главата, од најубави романтични филмови дека во Македонија на чело со Груевски национале ќе цветаат рози секаде до катаклизмични прогнози дека Македонија допрва ја очекуваат тешки денови. Во контекст на муабетот дека се можни предвремени локални избори, се прашувам која е дефиницијата за тоталитаризам? Би сакал некој во своите коментари да ми објасни како најавтентично да го протолкувам синдромот на тоталитаризмот, а тука да не ми се мота во главата актуелната власт олицетворена во „преродбата во сто чекори“!? Yes, this is Macedonia!
6. Грците си играат дрндупка со правото на вето и со податокот дека тие се шизици кои можат на Македонија да и' стојат на патот на се' што таа ќе замисли дека започнува со евро... Некако се' ми се чини дека и ние во еден сегмент остануваме онакви кленови какви што знаеме да си бидеме и пак на крајот се гледаме себеси на некоја плажа околу Солун. Такви се моите сондажи по маало. Еден таков тип во маало прокоментира (не знам дали е вистина) дека многу наши „државни фактори“ си имаат станови во и околу Солун, дека едно зборуваат, а во стварноста се трето кога е во прашање нашиот дигнитет на самото место и на терен. Ако е така, нека е, ама нека не бамбурат! Слушнав глупости во минување (дали е вистина) дека на многумина наши такви фактори им се паркирани јахтите на Егејот, дека си имаат таму куќи, станови, бизниси, кумови и кумашини кои велат „јасу“... Е, ако де, па на крајот на краиштата, јас во нивна одбрана би застанал сесрдно и би забележал дека сите тие фаци и не се излезени од Македонија! Па, нели и тој дел е Македонија. Тоа што е Егејска Македонија е друго прашање, ама тие пак си се - дома. Секаде каде што почвата се нарекува Македонија, ние сме си дома, нели? Да, во Македонија!
7. „Ористе Новомакедонци!“ Вака би не' дочекувале во Платамона домаќините доколку прифатиме да се викаме така, а според наводно новиот предлог! Мене тоа ми е трагикомично, до солзи. Тоа ми звучи како новопечени „дошлаци“ на Балканот. Тоа ли сме ние!? Новородени морончиња кои треба да го виткаат ’рбетот само затоа што се малечки и немаат еден Саркози кој на најтранспарентен начин само што не рекол „сус, бре Македонци, вие не сте Македонци, оти така ми сакаат браќана кои имаат ладно узо кога ми се ќефнуе!“ Срамота! Арно ама, од уста не вади еден збор: Македонија!...
П.С. Свесен дека колумнава е турлитава, останувам доследен на нафрлување теми кои се мешаат, но не затоа што не можам да се фатам за една тема туку затоа што толку многу теми има, а малку простор за пишување. Квантумот на моронизми не може да го остави рамнодушен никого до мера да не знае и да не најде тема за колумна во Македонија. Македонија е непресушен извор на теми за дискусија и теми на кои може да се дисертира по прашање на контроверзност, нелогичност, трагикомичност, парадокс... Паралелно, времето тече како од чешма и не прашува. Колкава е дозата позитивни случувања што влеваат оптимизам? Ќе го гледаме ли наесен (може и поскоро) филмот во кој „живееме се' подобро“, а е се' поскапо и ќе се усреќуваме со податокот дека треба да сме среќни што е така, затоа што имаме естаблишмент кој е најпатриотски, а башка најекономски. До кога ќе умираме на рати, до кога ќе се гледаме себеси како лузери, до кога ќе се чувствуваме како среќни државјани на суверена Македонија, а „со мевот до заби“.
(Авторот е аналитичар и колумнист)
[email protected] |