Фреквенција звучна
Кој пее зло не мисли
Тина Иванова
Тој ја помрднува од место скопската алтернативна сцена. Тој е, ќе парафразирам еден џингл од „Стотројка“, искра светлина која доаѓа од мрачните лавиринти на македонското општество.
Урбаниот хор „Распеани скопјани“ реагира на состојбите. Овие наши актуелни општествени, исполитизирани до немајкаде. Провоцира интеракција. Буричка по совеста и свеста на скопјаните и Македонците. „Распеани скопјани“ - активистички пејачки колектив. Аматерски во поглед на музичкиот дел. Но, сосема прецизен во своите реакции, во пораките кои во инвентивна форма се одговор на „будалаштините“ што не' опкружуваат, а кои не не' покренуваат. Хорската група се појавува на различни локации во Скопје. Ја пее својата конкретна наменска песна и си заминува. За пак да се појави во идентичен состав на друга локација со друга песна. Со својот специфичен музички израз да испрати друга порака, да презентира нов протест.
И покрај многуте, многуте позитивни коментари на Интернет, им прилепија и по некоја етикета како „распеани идиоти“ или „распеани плачковци“. Настапите на хорот, преку „Јутјуб“ се достапни секому, па и ступидните и површни обиди за навреда, не само што не се никаков репер за одгласот на делување на овој хор, туку се уште еден доказ за нашата општа ментална зачмаеност. За хорот „Распеани скопјани“ не може да се зборува еднонасочно, како и за се' друго. Тој ја има онаа посакувана урбана младешка и бунтовна енергија. И едно е сигурно - тој е една од најинтересните форми на израз на револт спрема политичките будалштини, урбаниот кич и социјалната деградација. Ако е ова време на општествена и културна криза, тогаш неговата појава е граѓанска варијанта на немирење со таквата актуелна општествена состојба. Авангарда во разбивање на стравовите од јавното искажување на сопствениот став. Шармантен провокатор на скриената енергија во времево кога ниту уметноста доволно не ја ангажира сопствената природна енергија да ги помрднува овие до бескрај исполитизирани статични состојби.
Настапите на „Распеани скопјани“ предизвикуваат зачудувачки погледи кај случајните минувачи. Песните им се вкусно одбрани и наменски срочени. Па, иако самата појава е форма на иронија, некои од нив во своите текстуални верзии се зачинети со дополнителна и нагласена доза од иронија и хумор, а наменски избраните локации на настапите се директните пораки упатени на „познати адреси“.
За неколку од нив: На идејата на градскиот татко Коце Трајановски да го „оживее“ часовникот на Старата железничка станица, хорот ја испеа „Временска машина“ на групата „Нокаут“. Песната „Убиј ме“ на скопскиот бенд „Бернајс пропаганда“ беше испеана по немилите протести на студентите по архитектура на скопскиот плоштад во 2009 година. „Песната на дрвосечачот“ од Монти Пајтон одекна по сечењето на дрвјата на булеварот „Илинден“. Детската „Ние сме Македонци“, пак, беше испеана на Денот на македонската револуционерна борба. Познатата „Дирлада“ од групата „Меморија“ хорот ја изведе пред Грчката канцеларија за врски по повод визниот режим, порачувајќи и' на грчката дипломатија дека љубовта нема граници. Култната „Чија си“ на Славе Димитров звучеше пред МАНУ по повод издавањето на Македонската енциклопедија...
Додека ненасилниот отпор по светот се јавува во вид на разно разни перформанси, во склоп на фестивали, на улични концерти, театарски претстави, кај нас магловито се развива некоја резигнираност. Фантазијата на бунтовниците отиде во главите на моќниците, па оттука и непознатото - ќе преживее ли овој никулец, ќе пушти ли и други фиданки во потрагата по македонската демократија?
Освен неколку инцидентни уметнички варијанти на протест спрема дневните политики, во Скопје и во Македонија нема константен израз на отпор каков што се јавува во времиња на духовна и културна криза. Хорот „Распеани скопјани“ засега и уште е единствената таква супкултурна појава која не се откажува од постојаното третирање на нашата траги-комична реалност. И го прави тоа креативно, силно, а суптилно, со доза фантазија врз суровата реалност. Граѓаните, главно, ги обожаваат, а власта ги премолчува во очекување на нивната наредна политичка порака до неа. Да се пишува во моментов за хорот „Распеани скопјани“ конкретен повод нема или, пак, ги има премногу. Зависи од која страна се гледа на нивната појава. Од улицата, од општеството или, пак, од кабинетите. Но, има еден мал милион поводи за „Распеани скопјани“ секогаш да се зборува позитивистички. За нивното активистичко - артистичко дејствување. Да се зборува и да се пишува барем исто толку колку што енергија всадуваат неговите членови во совеста на македонското општество.
Сега и овде во ова наше денешно време. |