Повторно маестрален концерт
Симон Трпчески, маестро Владимир Јуровски и Лондонскиот филхармониски оркестар испратени со овации
Тина Иванова
Така како што се очекуваше, така и бидна. Кристалниот звук на Лондонскиот филхармониски оркестар, магичните прсти на „граѓанинот на светот“, пијанист Симон Трпчески, и рускиот сензитивен уметник зад пултот, маестро Владимир Јуровски, направија концерт за паметење. Уште еден, по оној ланскиот со оркестарот на „Баљшој“ и Трпчески, но и по оној на Израелската филхармонија и Мехта од пред неколку години, кој ќе влезе во историските анали како еден од најистакнатите на македонското културно милје.
Почитувачите на симфониската музика знаат дека Лондонскиот филхармониски оркестар не е на нивото на Берлинската филхармонија, Виенската филхармонија или на амстердамскиот „Концертгебау“. Но, во тоа дека сепак, е еден од најдобрите во Европа, како што го класифицираат музиколозите, на некое четврто место, се увери и македонската публика во петокот вечерта присутна во неадекватниот амбиент за ваков вид настани, „Метрополис арената“.
Симфонијата бр.5 од Феликс Менделсон и Симфонијата бр.3 од Јоханес Брамс звучеа маестрално, јасно, чисто, прецизно. Играта со звучните бои беше длабоко промислена. Едноставно, симфоничарите сплетоа навистина убава пајажина од звуци која лебдеше над нашите глави. Заслугата за тоа секако, му се припишува и на младиот, атрактивен, талентиран диригент Владимир Јуровски, кој, како што и се гледаше, мошне занесен во музиката, се посветуваше на динамиката, на фразирањето, енергично обидувајќи се да го извлече најдоброто од оркестарот. Чиниш, да го гледаш само него, доволно е. Таква посветеност одамна не сме виделе, односно почувствувале. Со посебен младешки жар и ентузијазам звучеше вториот став од Симфонијата на Менделсон, а Брамсовата Трета можеби, најангажирано, стегнато, компактно.
Но, она што остави најсилен впечаток кога зборуваме за Јуровски, беше неговата комуникација со нашиот пијанист Симон Трпчески. Блиска, јасна, пријателска, таква каква што најверојатно треба да се оствари меѓу секој диригент и солист. Симон Трпчески, изведувајќи го заедно со оркестарот Концертот за пијано и оркестар бр.3 од Сергеј Прокофјев, уште еднаш, по кој знае кој пат, ја покажа својата виртуозност во секоја смисла. Технички набилдан, а секоја мисла, секоја нота беше промислена. Лесно поминувајќи низ пасажите, боејќи ги пијаната со најсуптилни нијанси, драматично обликувајќи ги фразите, се разбира не можеше, а да не побуди емоции и да не биде испратен со овации. Трпчески има специфичен однос кон руската музика, можеби зашто од таа школа и доаѓа, па логично е и секогаш кога ја изведува, тоа да го прави на најдобар можен начин. За награда на публиката, ја избра најновата композиција на македонскиот композитор Панде Шахов, која е обработка на „Се посврши сербез Донка“. Интересно видување на народната македонска, која Трпчески ја отсвире одлично, но таа не беше убедливо следена од оркестарот.
Она што остави црна дамка на целиот овој настан, беше вообичаеното доцнење на премиерот Никола Груевски. Вообичаено за фудбалски натпревар можеби, или за владини прес-конференции, но не и допустливо за настани како што е концерт на класична музика, особено кога на гости ни доаѓа врвен светски ансамбл, кога треба да се покажеме како добри домаќини, и каде што се разбира, концертацијата на публиката не треба да се наруши. Груевски како што знае и умее, со својата дрска ноншалантност влезе на сред концерт, односно на средината на вториот став од изведбата на Симфонијата на Менделсон. Наместо тој да биде пример како треба, зашто и голем дел од присутната публика е недоволно едуцирана за ваков вид на концерти, што најдобро покажа аплаудирањето меѓу ставови, премиерот го прави обратното. Нејсе. Можеби ќе се вразуми следниот пат. Втората сива дамка беше самата сала. Но, во недостиг од соодветен амбиент за слушање на класична музика, и чудно акустичната „Метрополис арена“ е понекогаш добредојдена. Зашто, ваквите ретки шанси не треба да се пропуштаат. |