Ален Брајан Бергант
Најдобрата вратоврска ја купив во Шутка
Амбасадорот на Словенија во земјава го обожава спортско елегантниот стил на облекување, се потстрижува во Стара скопска чаршија, а чевли купува исклучиво во Италија
Катерина Шекеровска
„Една од моите најдобри вратоврски, жолта со црвена боја, боите на Шпанија и Македонија, ја најдов во бутикот ’Милано‘ во Шуто Оризари. И сите, па дури и министри од вашата Влада, ме прашуваат од каде сум ја купил“, вели амбасадорот на Словенија во Македонија, Ален Брајан Бергант. Секогаш стокмен, елегантен и модерен, открива дека себеси не се доживува како метросексуалец, дека фетиш му е џинсот на „Енерџи“, а омилен парфем веќе десет години - „клиник хепи“.
Спортско елегантен стил
„Севкупно мојот стил би можел да се опише како спортско елегантен. Кого станува збор за работата, тоа е класичен дипломатски стил - костуми, вратоврски, елечиња. Нема некои посебни марки на костуми и сакоа, а ако треба нешто да издвојам - „Зара“ ми е многу блиска како марка, иако овде ја нема, за жал, па сите костуми што ги носам се купени порано од Хелсинки или од Љубљана. Меѓутоа, во Скопје најдов кројач, кој се вика Борче и е од Кисела Вода и кој веќе ми има сошиено неколку костуми од кои сум сосема задоволен. Инаку, купувам исклучиво ако ми стои добро, а не поради марката. Мојата професија бара класични бои - црна, сива, темно сина, но налето може да се носат и посветли нијанси, па во комбинација со некоја кошула во пастелно зелена или жолта боја. Мислам дека секоја личност има свој стил на облекување.
Инаку, она што сакам да го напоменам е дека кошулата мора да е 100 отсто памучна. Неодамна бев во Штип и мора да признам дека таму има многу добри продавници во кои може да се најдат евтини убави, квалитетни кошули“.
Сабота ден за шопинг
„Сабота ми е некој фетиш за прошетка низ градот и мала шопинг-тура. И сами знаете каде може да се прави шопинг во Скопје – ’Рамстор’, ’Соравија‘, ГТЦ... Она што е интересно е дека тоа што го имате овде во Скопје, го немаме во Љубљана. Така, кога одите да пазарите во Љубљана, тоа е исто како да одите во Стокхолм или Хелсинки, исти продавници, исти цени, иста понуда, само што изборот, на пример, е поголем во Италија или во Германија, бидејќи се поголеми земји“.
Чевли исклуЧиво од ИталиЈа
„Што се однесува до чевлите, исклучиво купувам од Италија. Чевлите се многу важни зашто постојано сум во нив и треба да бидат меки, кожени... Во Италија, пазарам во Удине, тоа е место околу 40 км од словенечката граница, таму има големи магацини за чевли каде што за малку пари добивате добри и квалитетни чевли. А, поради мојата работа, мора да бидат или во црна или во кафена боја. Моментно имам шест црни, четири кафени и едни посветли чевли, сите купени од Италија“.
Берберот и кроЈаЧот ми се во Стара скопска ЧаршиЈа
„Често пати одам во Старата скопска чаршија. Наоѓам многу добри вратоврски, а таму ми се и берберот и кројачот. Една од моите најдобри вратоврски, жолта со црвена боја, боите на Шпанија и на Македонија, ја најдов во бутикот ’Милано‘ во Шуто Оризари! Сите ме прашуваат од каде сум ја купил, па дури и некои од вашите министри...
Инаку, овде голем проблем е тоа што не можеш секогаш да знаеш дали е оригинал, па затоа кога ��дам во Љубљана, одам и на шопинг или, пак, купувам за викенд во Солун, а мора да признам и дека во Тирана и во Приштина има многу добри бутици со италијански марки... Но, не сум тип што сака да носи од „Долче и Габана“ и „Версаче“, зашто мислам дека за нив треба да си поманекенски граден...
„Хуго Бос“ - најскап костум во мојот плакар
„Имам околу 15 костуми, од нив три се позимски... Мислам дека најскапиот е на ’Хуго Бос‘, што го купив на распродажба во Хелсинки и кој ме чинеше околу 500 евра. Порано купував многу и од ’Мура‘, која има многу добра машка линија. Исто така, и шведскиот синџир ’HиM‘ имаат добар избор, па за помалку од 250 евра може да се најде убав и квалитетен костум, 100 отсто волна“.
Обожавам шорцеви
„Кога сум дома, најмногу уживам во широка тренерка, маичка, а во лето во кратки панталони, шорцеви. Кога излегувам преку ден, носам шорц или џинс, но добар џинс, ’дизел‘ или најчесто ’енерџи‘. Се' ми е супер од ’Енерџи‘ и се радувам што во Скопје има продавница во која најдов многу убави работи, не само кошули и панталони, туку и портмоне, торба, маички... Инаку, кога излегувам навечер, носам потенка вратоврска, црни фармерки, патики ’мис сикси‘ или ’енерџи‘, никогаш не одам навечер со чевли“.
Не сум метросексуалец
„Набрзина се подготвувам. Брзо се туширам, два-три пати неделно се бричам, ставам само некој хидратантен крем за лице, парфем и тоа е се'. Не се сметам себеси за метросексуалец, не сум во рамките на Дејвид Бекам. Можеби ако намалам уште некој килограм, ха, ха,ха!“
Ослабев девет килограми
„За Нова година во еден македонски весник ми поставија прашање што ќе направам во идната година. Прво реков дека ќе ги намалам цигарите, што не го направив, ха, ха, ха и, второ, дека ќе ослабам. Досега изгубив 9 килограми. Трчам секој ден по еден час, дома имам орбитрек, вежбам и јадам поздрава храна. Навечер не јадам, а преку ден јадам пола од тоа што сум го јадел, јадам и благо, но помалку, љубител сум на сладолед, го јадам и во зима. Едноставно, преполување на количините и повеќе овошје и зеленчук. А, каде има подобар зеленчук ако не тука - во Македонија? Имав 84 кг, а сега, утрово, кога се мерев, имам 75,5 кг. Планирам да одам до 72 кг, што мислам дека ќе биде идеална тежина според мојата висина, па можеби оваа година веќе ќе бидам подготвен и за плажа! |