Правда е глува за пристапот до информации
Како граѓаните и невладиниот сектор да изградат доверба во Законот за слободен пристап до информации кога самиот предлагач, Министерството за правда, не го почитува, реагира вчера Здружението на млади правници. Тие потсетуваат дека минале шест месеци од датумот кога Министерството за правда ги примило нивните барања за пристап до информации од јавен карактер, но се' уште немаат повратен одговор.
Како што појаснуваат од Здружението, Министерството за правда било задолжено, со решение на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, бараните информации да ги достави најдоцна до 18 октомври оваа година. Но, и покрај тоа, Министерството не постапило по задолжението и не ги доставило информациите.
Тие обвинуваат дека Министерството за правда останало глуво и на нивните дописи, со кои го повикувале да постапи по задолженијата на Комисијата. „Ваквото однесување на Министерството за правда е крајно несериозно и спротивно на целта на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер - остварување на јавност и отчетност во работењето на имателите на информации“, велат од Здружението.
Станува збор за извештај за октомври, кој е еден од месечните извештаи за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информации од јавен карактер во Македонија преку кои Македонското здружение на млади правници и фондацијата Институтот отворено општество - Македонија, во рамките на проектот „Право да знам, право да учествувам“, информираат за состојбата во остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. (П.Р.) |