Анкетна и за „кодошката работа“?
Стојменов е единствен потписник на предлогот за анкетна комисија, според Уставот мора да има потписи на најмалку 20 пратеници
Пратеникот од ВМРО-Вистинска Борис Стојменов доставил предлог до Собранието за формирање анкетна комисија, која треба да утврди политичка одговорност за пратеникот од НСДП, Горан Мисовски. Сепак, неизвесно е дали вакво специјално собраниско тело ќе ја расчистува „кодошката работа“ меѓу двајцата пратеници. Според формата во која е доставена иницијативата до парламентот, таа е самостоен проект на Стојменов, како единствен потписник на барањето.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега стои надвор од оваа приказна и допрва ќе проценува како ќе настапи. Оттаму велат дека „сосема ја разбираат желбата на својот коалициски партнер да го тргне сомневањето од својата личност и да одговори на политичката злоупотреба што ја прават поединци од опозициските редови во парламентот“ и додаваат дека „со должно внимание ќе го разгледаат неговиот предлог“.
За формирање анкетна комисија одлучува парламентот, со обично мнозинство - минимум 41 глас. Но, Уставот предвидел дека предлог за нејзино основање може да поднесат најмалку 20 пратеници. Спомнатата иницијатива Стојменов ја доставил пред дваесетина дена, но за неа досега не се дискутирало на координациите на спикерот Вељаноски.
За потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули од СДСМ, е спорно дали за вакво прашање може да се основа анкетна комисија. „Дури Стојменов и да се препознал во метафората што ја направи Мисовски, пратениците имаат имунитет и за тоа што ќе го кажат од собраниската говорница не може да бидат повикани на одговорност“, вели Макрадули.
Стојменов пред еден месец го замрзна пратеничкиот мандат и побара Мисовски да му се извини, бидејќи неговата дискусија за законот за Народна банка ја оквалификува како „кодошка работа“. Оттогаш тој не доаѓа ниту на собраниските седници ниту на комисиските расправи. ВМРО-ДПМНЕ досега беше прилично воздржана во однос на потегот на Стојменов, единствена видлива реакција е тоа што на пленарните седници го бојкотираат Мисовски. Кога тој говори најголем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат од салата.
Меѓутоа, присуството на Стојменов може да биде значајно при гласањето на двотретинските закони, како што е тој за органите на управата, со кој треба да се овозможи преминување на Агенцијата за државни службеници во Министерството за информатичко општество. Владиното мнозинство контролира вкупно 83 пратеници, но неколкумина, меѓу кои Али Ахмети, Вазли Велиу, Фијат Цаноски, ретко може да се видат во собраниските клупи. Така што важно им е да го убедат Стојменов да го одмрзне мандатот. (О.В.) |