Пожарникарите ќе набиваат кондиција со билдање
Противпожарната бригада бара да се предвидат пари за направи во буџетот за идната година
Пожарникарите ќе стануваат билдери. Имаат фискултурна сала, но им недостасуваат боди-билдинг направи и други реквизити за да се одржуваат во кондиција. Физичката подготовка им е неопходна за поефикасно извршување на нивните работни задачи, а особено при гаснењето пожари на отворен простор, каде што физичката сила особено доаѓа до израз. Со ова објаснување командантот на Противпожарната бригада, Благоја Менковски, од Советот на Скопје побара во буџетот за идната година да се предвидат финансии за направи.
Менковски нагласи дека одамна ја чекаат и металната кула за вежбање на висина, за која имаат и подготвен проект. Кулата, која треба да биде направена во дворот на ПП бригада во Автокоманда, чини 1,5 милиони денари. Пожарникарите бараат и нова цистерна со капацитет од 16 кубни метри, која чини 18 милиони денар��. Со неа, вели Менковски, побрзо би се гаснеле големи пожари со што ќе се намалат опасностите од жртви и материјална штета. Во 2011 година се надеваат дека од градскиот буџет ќе добијат пари за прастарите возила да можат да ги однесат во овластен сервис, бидејќи досега ги поправаат самите колку што знаат и умеат.
„Се надеваме дека идната година ќе бидат предвидени пари за металната кула, која е неопходна за вежби за гаснење пожари во згради. Проектот е готов, а се надеваме дека ќе распишеме и тендер“, информираше Менковски, кој нагласи дека без кулата, скопските пожарникари не можат да влезат во конкуренција за организирање Балканско првенство за пожарникарски вежби.
Идната година скопските пожарникари ќе се подноват и со нови униформи и чевли, за кои се планираат 4,5 милиони денари, а ќе се купуваат и спасителни појаси и заштитни јажиња. (С.Н.) |