Број 3311  сабота, 19 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Економија

Сукцесијата тапка, не се знае коj каде трошел

Немањето документација е главен проблем за се' уште нерешените предмети од сукцесијата на бивша СФРЈ

Маја Томиќ


На прашањето на сукцесијата се работи долго време и се' уште е неизвесно дали овој проблем на поделба на вкупниот движен и недвижен имот на петте сукцесори, Македонија, БиХ, Словенија, Хрватска и Србија со Црна Гора, ќе се реши до јуни 2011 година, како што е договорено.

Последниот состанок на Мешовитиот комитет за поделба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, кој завчера требаше да се одржи во Белград, на барање на српската страна беше одложен. Како што веќе информираа медиумите, на состанокот требаше да се дефинираат термините за примопредавање на сите објекти за кои државите сукцесори писмено се договорија уште во декември 2006 година во Загреб. Поради одложувањето, претставниците во Комитетот на Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија и на Хрватска завчера на српската страна и' врачија писмо - демарш, со барање итно да се исполни договорот од Загреб, а Србија својата обврска да ја исполни за една година (до 30 јуни 2011 година) и да се продолжи со реализација на меѓународно верификуваниот договор за сукцесија.

„Основен проблем е што во Белград една проевропска политичка групација сака да се расчисти со прашањето за сукцесија, особено на економски план, додека друга има спротивен став. И покрај искажаната политичка волја на Србија, последниот состанок се одложи со образложение дека Србија сега не може да влезе во финансиски обврски, кои не биле планирани и да ја продолжи постапката за сукцесија“, вели амбасадорот Виктор Габер, нашиот претставник во Мешовитиот комитет за поделба на дипломатскиот и конзуларниот имот на поранешна СФРЈ.

Од 44 решени објекти со сукцесијата, четири треба да земе Македонија, амбасадата во Камбера, генералниот конзулат во Цирих, стан во Рим и конзулатот на СФРЈ во Атина, кои во моментов ги користи Србија. Во наредните 12 месеци треба да се пристапи кон примопредавање на овие дипломатско-конзуларни објекти на поранешна СФРЈ. На веќе одложениот состанок требаше да се утврдат и точните датуми за примопредавањето на овие објекти.

За уште 79 локации постапката за делење се' уште не е почната, а познат е само локалитетот и вредноста.

Инаку, работите со сукцесијата стартуваа во јуни 2001 година, кога земјите-наследнички на заедничкиот имот во Виена ја потпишаа Спогодбата за прашања во врска со имотот на поранешна СФРЈ. Во неа се содржани седум анекси со конкретен материјал за тоа што треба да се дели, а што да се врати. Првиот се однесува на сојузниот имот од поранешната сојузна држава, како што се одморалишта, воени објекти, станови и слично. Вториот се однесува на дипломатските и на конзуларните претставништва и на уметничките дела од дипломатско-конзуларни објекти. Третиот анекс е за долговите и за побарувањата на СФРЈ во странство што не се лоцирани, не се знае кој ги потрошил, само е познато кој ги зел. Нивната вредност е 596 милиони долари, кои се' уште не се расчистени поради различните износи со кои се калкулира околу девизните депозити на Народна банка на Србија. Инаку, од мешовитите банки, како што беа ЈИК, Југобанка, ЈУМБЕС, четири отсто се долгови на Македонија, а 7,5 отсто се наши побарувања.

„Македонија има уште некои долгувања во странски банки, кои ќе се решат на билатерална основа, при што главна улога ќе има Министерството за финансии. Тука спаѓа и клириншкиот долг на Русија од 61,5 милиони долари, кој треба да се затвори со гасификацијата на земјава. Со третиот анекс од Спогодбата, всушност, е отидено најнапред, иако од 596 милиони долари, Србија тврди дека се во прашање само 95 милиони долари, кои треба да се делат, затоа што само за нив, наводно, имало документација. Притоа, секако дека за се' постои целосна документација во Народна банка на Југославија. Но, таму не може да се влезе за да се провери дали е точно тоа “, посочува Габер.

Тој додава дека според него, основен проблем што не можат до крај да се расчистат долговите и побарувањата е тоа што, најчесто од наша страна, нема документација за тоа кој каде трошел. Во поранешна СФРЈ фирмите земале заеми и вршеле продажба, влез и излез на стоки, преку посредништво на други фирми, при што за лична корист се правеле разни манипулации во време на распаѓањето на СФРЈ. Така, тешко е да им се влезе во трага на тие средства.

„Кај документацијата сме најслаби, а без документи ништо не може да се врати“, изјави Габер, посочувајќи дека со сукцесијата останува уште да се разработат делови од сојузниот имот, архивата, пензиите, стечајните права и сопственоста на фирмите. А, тоа досега остана проблем поради немањето документација, ниту кај фирмите ниту кај институциите и судовите.


#
Статијата е прочитана 412 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Економија
Иванов и Медведев се договараа за „Јужен поток“
Никој не ги спомнува евтините кредити
ЕУ ќе ги стави на тест најголемите банки
Август ќе ги стопи цените за мобилен
Медведев сe сомнева во еврото
За Европејците нема живот на кредит