Никој не ги спомнува евтините кредити

И по една година, од 100 милиони евра се искористени само 30
Соња Маџовска
Додека стопанствениците лелекаат дека банките не одобруваат кредити и парите повеќе ги пласираат во записи, како да заборавија на евтините кредити од Европската инвестициона банка. Една година по најавата на Владата дека ќе го спасува бизнисот со овие евтини кредити, за кои се задолжи кај ЕИБ со 100 милиони евра, досега се искористени само 30 милиони евра.
Ова беше еден од главните адути во антикризните пакети на власта за излегување од кризата, ама некако тешко оди реализацијата.
Од Коморите велат дека кај нив повеќе стопанствениците не прашуваат за овие кредити, бидејќи сите информации ги бараат или од банките или од Макед��нската банка за поддршка на развојот, преку која оди повлекувањето на средствата од ЕИБ. Оттаму, пак, велат дека се' зависи од фирмите и од проектите со кои конкурираат прво кај комерцијалните банки, а потоа и кај нив. Од МБПР објаснуваат дека што се однесува до нив, тие досега ги поддржале сите проекти, кои претходно добиле виза од деловните банки.
Од МБПР, која само посредува во одобрувањето на кредитите од ЕИБ се оптимисти дека целата кредитна линија од 100 милиони евра ќе биде искористена до јули идната година. „Досега се повлечени три транши од вкупно 31 милион евра, или 115 проекти. Сега ја подготвуваме четвртата транша од 5,5 милиони евра, со уште 44 проекти. Како стигнуваат барањата, така се повлекуваат траншите од ЕИБ. Ние досега не сме вратиле ниту едно барање од банките. Но, не може парите да се повлечат без добри проекти“, вели Александар Станојковски од МБПР.
Според него, се' уште се договараат финесите со банките околу каматата откако Владата реши таа да биде фиксна од 6 отсто за сите години на отплата. Иако во првичниот договор меѓу МБПР и банките стоеше дека по правата година каматата ќе се пресметува според тоа колку се движи еуролиборот плус пет проценти, Владата во меѓувреме одлучи да им ја покрие разликата на банките доколку каматата излезе над 6 отсто.
Од банките велат дека иако им беше најавено, се' уште немаат потпишано договор за фиксната камата. Според нив, овие кредити можеби се поевтини од оние што ги нудат тие, но процедурата за нивно одобрување е иста. „Има интерес од фирмите, особено откако Владата најави дека каматата ќе биде 6 отсто за сите години. Сега, со измените и трговски фирми можат да конкурираат за овие кредити, а се зголемени и износите што можат да ги бараат компаниите што имаат од 50 до 250 вработени. Највисокиот износ е 3,5 милиони евра“, велат банкарите.
Инаку, од досега одобрените кредити, најголемиот дел се за нови инвестиции. Станува збор за мали и за средни претпријатија, а доминираат оние од графичката индустрија, за производство на мебел, цемент, како и оние што произведуваат производи од гума и од пластика. Има и земјоделци, сточари и пекари што конкурираат за овие заеми.
Евтините кредити ги добиваат фирмите со рок на отплата од 5 години, со можност за грејс-период од 12 месеци. Помал е бројот на кредити што се бараат за рефинансирање на проекти на компаниите, кои, пак, се отплаќаат на три години, со греј-период од 6 месеци. |