Август ќе ги стопи цените за мобилен
Од почетокот на август годинава, граѓаните може да очекуваат пад на цените на разговорите преку мобилен телефон за најмалку 15 отсто. Ова го најави Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), а како оправдување за ваквата можност е налогот даден на трите мобилни оператори во државава до мај 2013 година за тој процент сукцесивно да ги намалат големопродажните цени за завршување на повик од една мобилна мрежа во друга. Новите големопродажни цени за операторите што Агенцијата ги утврди врз основа на т.н. „Ботом - Уп ЛРИЦ-моделот“, за кој е во тек јавна расправа, ќе почнат да се применуваат од 1 август годинава. Тие моментно за минута разговор изнесуваат 3,8 денари за „Т-мобиле“ и за „Оне“ и 5,85 денари за минута за ВИП-оператор.
„Цените треба постепено да се спуштаат до нивото од 2,9 денари за минута и ќе бидат изедначени за сите три оператори. Ова за граѓаните значи дека ако имаме помали големопродажни цени, кои како импут влегуваат во малопродажните цени, би им оставило простор на операторите низ конкурентска борба сукцесивно да ги поевтинуваат разговорите“, изјави вчера портпаролот на АЕК, Марјан Пејовски.
Намалувањето на големопродажните цени ќе се прави постепено, за да не се предизвика шок кај операторите, кои имаат време да ги приспособат своите финансиски и инвестициски планови.
„Пазарот на мобилна телефонија е конкурентен. Не може некој од операторите да не го следи намалувањето на цените кај конкуренцијата. Ако тоа не го направи навреме, се знае кои се последиците од еден пазарен натпревар“, истакна Пејоски.
Јавната расправа за извештајот за развој на „Ботом - Уп ЛРИЦ-моделот за почнување и за завршување на повици, како и на СМС во мобилните мрежи, ќе трае во наредните 30 дена. Во тој период операторите можат да доставуваат мислења, забелешки и коментари. (А.С.) |