Мировници ги вооружувале милициите во Конго
Лондон- Мировници на Обединетите нации ги вооружувале милициските сили во Демократска Република Конго и биле вмешани во шверц на злато и слонова коска, соопшти Би-Би-Си.
Според телевизијата, ОН ги „прикриле“ таквите тврдења, за кои Би-Би-Си наведува дека се базирани врз доверливи извори во ОН, како и оти во илегалната трговија биле вмешани пакистански и индиски мировници.
Претставници на ОН за емисијата „Панорама“ што треба да биде емитувана попладнево, велат дека биле спречени „од политички причини“ да истражуваат што навистина се случувало.
Обединетите нации имаат околу 17 илјади мировници во Конго.
Во емисијата „Панорама“ се наведува дека пакистанските мировници во градот Монгбвалу биле вмешани во илегална трговија со злато со милицијата ФНИ и оти истата ја снабдувале со оружје, додека за индиските мировници распоредени кај Гома се вели дека тргувале со припадници на милициите одговорни за геноцидот во Руанда, кои сега живеат во источниот дел на Конго.
Индијците тргувале со злато, купувале дрога од милициите и менувале муниција за слонова коска, тврди Би-Би-Си.
Обединетите нации по истрагата спроведена во 2007 година соопштија дека обвинувањата за наводна трговија со оружје и за шверц не можат да бидат потврдени „поради недостиг на цврсти докази“. (МИА) |