Светот соочен со криза за храна

На околу 100 милиони луѓе им е потребна помош поради се' повисоките цени на храната
БЕРН - Главните организации на ОН за развој ќе се состанат во Швајцарија во обид да изнајдат решенија за олеснување на ескалирачката глобална криза со храна. Предводени од генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун официјални претставници сакаат да го ублажат влијанието на наглиот пораст на цените врз главните прехранбени производи и да спречат влошување на недостигот на храна. Светската програма за храна (СПХ) соопшти дека на околу 100 милиони луѓе им е потребна помош во храна поради зголемените цени. Храната станува се поскапа, предизвикувајќи безредија во неколку земји.
Премиерот на Хаити беше принуден да се повлече од функцијата на почетокот на месецот откако зголемените трошоци за ориз и грав предизвикаа насилни безредија во главниот град Порт-о-Пренс. Многу земји во Азија го прекинаа извозот на ориз поради стравување дека недоволното снабдување дома би можело да доведе до акутна нестабилност.
На дводневниот состанок на ОН во Берн ќе присуствуваат претседателите на 20 организации, како и претседателот на Светската банка Роберт Зелик и на Светската трговска организација Паскал Лами.
Бан повика да се преземат вонредни мерки за да се обезбеди дека луѓето на кои најмногу им е потребна помош ќе имаат пристап до основните прехранбени производи во наредните месеци. Доколку тоа не се случи, предупреди тој, кризата ќе ескалира и наметнуваат реални закани за „економскиот развој, социјалниот напредок, па дури и политичката безбедност“. Но, дописникот на Би-Би-Си од Женева рече дека е помалку јасно како длабоко вкоренетите проблеми би можеле да се решат. Тука спаѓаат сегашниот ќор-сокак во глобалните трговски разговори, општата економска слабост и длабоките разлики околу употребата на обработливото земјиште за биогориво.
СПХ упати апел за масовно собирање на средства, истакнувајќи дека се потребни дополнителни 755 милиони долари за купување на потребната храна, за да одговори на обврските. Земјите во Азија преземаат постојани мерки за да ја зауздаат се поголемата цена на оризот и да овозможат пристапност на резервите до најсиромашните во општеството. Владата на Филипини ќе издаде „картички за ориз“ што ќе им овозможат на семејствата со минимални приходи да купуваат ориз за половина од сегашната пазарна вредност. Малезија вчера соопшти дека ќе ��и субвенционира домашните произведувачи за да се обезбедат услови главните производи да останат „достапни“ за луѓето со ниски приходи. Малезија, која се воздржуваше од директни субвенции во минатото, произведува околу 70 отсто од оризот што го консумира, увезувајќи го останатиот дел од Тајланд. Во меѓувреме, властите во Виетнам предупредија дека шпекулантите на пазарот кои ја форсираат цената на оризот ќе се соочат со „остра казна“. Шпекулантите, меѓу кои има снабдувачи на храна, трговски куќи и други инвеститори почнаа да купуваат ориз, а потоа го продаваат за значителен профит или го чуваат во резерва, а со тоа уште повеќе го нарушуваат пазарот. „Непотребните тензии на домашниот пазар за ориз последниве денови произлегуваат од многу фактори како што се гласишта, неосновани информации и особено собирање и складирање ориз што се чува додека се зголемат цените“, рече Нгујен Ти Нгујет, генерален секретар на Здружението за храна на Виетнам. Виетнам инсистираше дека има соодветни резерви за да одговори на потребите на населението. (Би-Би-Си) |