СДСМ и натаму ќе притиска за предвремени избори
За наредната година опозиционерите подготвувале амбициозен план, а ќе го откриеле кога ќе дојде време
Билјана Јовановска
Социјалдемократите не се откажуваат од идејата за предвремени избори. Иако, официјално, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја одби иницијативата, неговите опоненти од „Бихаќска“ размислуваат за нови демократски механизми за да ја испровоцираат власта да го прифати предизвикот. Тоа, според Андреј Петров, генерален секретар во СДСМ, значи дека и во наредните месеци ќе има протести, маршеви, масовни излегувања на улица, односно се' што значи демократско право за изразување револт спрема потезите што ги влече власта. За наредната година, социјалдемократите подготвуваат амбициозен план, но, велат, ќе го најават кога ќе дојде време.
„Во Македонија има многу очаен народ, што се виде и од протестот на тутунарите што се собраа во недела, а тоа само говори дека на луѓето им догоре, не можат да ги поднесат антинародните мерки на власта. Објективно, во државата нема друга толку моќна организирана сила, каква што е оваа на СДСМ и на нашите коалициски партнери, ама и на други партии што ќе се приклучат кон Опозицискиот фронт. Јасно е дека наша обврска е да го артикулираме нивниот гнев“, смета Петров.
Во видеочетот, новиот начин на комуникација со граѓаните, челниците на СДСМ им одговараат на се' што ги интересира. На прашањето дали партијата ќе успее да издејствува предвремени парламентарни избори, Петров вели: „За СДСМ, ако гледате од себични причини, најдобро е изборите да бидат што е можно подоцна. Со секој ден оваа Влада ја губи својата поддршка и во редовниот термин, кој е за четиринаесет месеци отсега, таа ќе се соочи со стампедо што ќе ја прегази. Незадоволството кулминира, се' повеќе луѓе се незадоволни, една третина од народот, над 30 проценти од граѓаните се во сиромаштија, под прагот на сиромаштијата. Сето тоа покажува дека од себични прагматични причини за нас би било подобро да гледаме изборите да бидат што подалеку, но ние притисокот ќе го продолжиме затоа што не ни е сеедно каква држава ќе затечеме во оној момент кога ќе ја преземеме Владата“.
Петров појаснува дека се свесни што ги чека ако на следните избори ја добијат довербата на народот. „Што побрзо го прекинеме ова безумие, толку подобро за граѓаните на Македонија. Затоа ние ќе продолжиме со притисокот. Со притисокот, кој континуирано ќе го правиме врз оваа Влада, ќе покажеме дека таа навистина има политички стабилна влада, меѓутоа, има политички нестабилна држава, има граѓани што се фрустрирани од начинот на владеење. Затоа наша тенденција ќе биде со постојан притисок врз власта тоа да стане видливо за сите, а и Владата да сфати дека е неопходно да има предвремени избори, бидејќи таа веќе го нема легитимитетот од народот“, вели Петров во видеочетот со граѓаните.
Инаку, партиска процена е дека со оваа нова форма на комуникација со народот СДСМ сега е во предност пред ВМРО-ДПМНЕ, која до пред една и пол година тука имала апсолутна доминација. |