Се најавуваат кривични пријави поради падот на работник на стадионот во Скопје
Работникот од „Бетон“, кој падна од скеле пред два дена, е опериран и се' уште се бори за живот
Работникот на фирмата „Бетон“, кој падна при изградба на северната трибина на скопскиот стадион „Филип Втори” се' уште се бори за живот. И покрај хируршките интервенции, сепак, неговата состојба е критична, поради што е згрижен на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во Скопје. Во меѓувреме, трудова инспекција го подготвува записникот од последната несреќа што пред два дена се случи на скопскиот стадион, каде што деноноќно се работи, со цел што поскоро да заврши изградбата. Поради непреземени мерки за безбедност и здравје при работа дадена е забрана за работа на дел од градилиштето, односно забрана за користење на монтажното скеле, кое е небезбедно за работниците. Инспекторите најавуваат и кривична пријава што ќе биде поднесена откако ќе се изготви записникот за последната несреќа, при која работникот се здоби со тешки повреди на главата по паѓањето од скеле.
Според информациите од Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во Скопје–КАРИЛ, кај пациентот биле направени хируршки интервенции, но неговата состојба се' уште е сериозна и се бори за живот. Педесет и четиригодишниот градежен работник паднал додека работел на скеле високо 14 метри.
Неговите колеги, вознемирени по несреќата, се жалат на лошите услови, недоволната заштита при работа, но и на постојаното работење, без никаков одмор. Ваквите неправилности ги забележале и државните инспектори за труд, кои само на градилиштето „Северна трибина-Градски стадион“, направиле шест инспекциски надзори. При тоа биле утврдени недостатоци, но по извесен период фирмата ги отстранила утврдените проблеми.
Сопственикот на „Бетон“, Минчо Јорданов, вчера пред новинарите во „Макстил“ изјави дека од нивна страна биле преземени безбедносни мерки за да се спречат несреќи и оти градилиштето целосно било обезбедено така како што треба. „Инспекцијата ќе го каже тоа. Несреќните случаи се дел од статистиката за која можеме само да жалиме“, рече Јорданов.
Но, Државниот инспекторат за труд вчера во обемно соопштение до јавноста наведува дека годинава тројца работници на „Бетон“ биле повредени, од кои последната повреда е најсериозна. Токму поради тоа од инспекторите дошол налог да се забрани делот на градилиштето што е небезбеден за работниците, особено монтажното скеле, од кое се претпоставува дека паднал работникот. „Ќе се поднесе и кривична пријава, но по завршувањето на записникот од увидот на самото место“, велат од Државниот инспекторат за труд.
Годинава, инспектори на трудот од областа на безбедност и здравје при работа имаат извршено 18 инспекциски надзори на градежни објекти што ги изведува „Бетон“. Притоа биле издадени шест решенија за утврдени неправилности и недостатоци од областа на безбедност и здравје при работа и една забрана за работа на дел од градилиште. За утврдените неправилности поднесено е барање за прекршочна постапка. Инспекторите, исто така, утврдиле дека на градилиштето се работи прекувремено повеќе од 10 часа неделно, во текот на јули работниците работеле без неделен одмор, а за прекувремената работа не им било платено, за што ќе бидат преземени мерки. (Д.Т.) |