Ќе се заменат 18 километри азбестни водоводни цевки
Лани беа заменети 9 километри од мрежата
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ планира и годинава да продолжи со акцијата за замена на азбестно-цементните цевки. Од 80 километри вкупна должина во Скопје, годинава ќе бидат заменети 18 километри. Ова е двојно повеќе од лани, кога беа заменети 9 километри азбестно-цементни цевки во населбите Кисела Вода, Пржино и Ѓорче Петров.
Пет фирми-изведувачи со кои минатата година претпријатието потпиша договор ќе ги продолжат градежните зафати за замена на водоводните цевки. Најпрвин ќе се менуваат оние со помали дијаметри. Од претпријатието тврдат дека дел од активностите се веќе во тек и тоа на подрачјето на целиот град. Се работи на помалите сообраќајници во општините Центар, Ѓорче Петров, Гази Баба и Бутел. Претпријатието добило дозвола за замена на азбестно-цементните цевки од мрежата во општината Аеродром. Одредени зафати ќе започнат од март, кога ќе се работи на главни сообраќајници, за што ќе треба да се добие и дозвола од МВР, објаснуваат од „Водовод и канализација“.
„Лани издвоивме 100 милиони денари за замена на азбестно-цементните цевки, а за годинава планиравме да одиме со двојно повеќе. Сепак, поради кризата, се одлучивме за сума еднаква на ланската. Акцијата ќе продолжи и во наредните три-четири години, кога би требало комплетно да бидат заменети цевките од целокупната мрежа“, вели Игор Арнаудов, директор на ЈП „Водовод и канализација“. (Сн.К.)