Интервју
Градот Скопје како посебна урбана целина
Драган Колчаковски ќе изгради нов објект за парламентот
Деспина Трајковска
Драган Колчаковски веќе 25 години е редовен професор на Природно-математичкиот факултет по предметот геоморфологија. Член е на ВМРО-Народна партија од нејзиното формирање, а веќе извесен период е дел од партискиот Извршен комитет. Кандидатурата за градоначалник на Скопје му е прв обид за „посериозен“ влез во политиката.
Каква е Вашата визија за Скопје. Накусо претставете ни ја Вашата програма, имате ли приоритети во неа и кои се тие?
Мојата визија е во децениите што доаѓаат Скопје да прерасне во регионален центар (седиште) на Југоисточна Европа на меѓународните организации и институции (УНЕСКО, Светска банка, ФИФА...).
Спомнатите и многу други организации при едни сосема поинакви општествено-политички прилики своите регионални центри во овој дел на Европа природно е да ги лоцираат во градот на солидарноста, во главниот град на Република Македонија. За реалноста на една ваква и не така далечна визија е примерот со американската амбасада! Најпогодна локација за оваа намена е просторот од левата страна на реката Вардар, помеѓу мостот „Гоце Делчев“ и Зајчев Рид.
Еден од приоритетите во мојата програма е дислокација на сегашниот парламент, кој би се сместил во исклучително репрезентативен објект на просторот на денешниот Музеј на современата уметност, а тоа значи и пренамена на сегашната зграда на парламентот во национален археолошки музеј. Како дополнување на проектот е елиминација на сообраќајницата од Градската болница до семафорите кај „Палома Бјанка“ и претворање на целиот простор во пешачка зона. Тоа значи комплетно преуредување на паркот со изградба на амфитеатар за културни манифестации.
Сметате ли дека е неопходна промена на Законот за Град Скопје?
Во едно сосема ново парламентарно мнозинство, ВМРО-НП ќе предложи закон според кој Градот Скопје ќе се дефинира како посебна урбана целина (потесното градско подрачје). Во нејзини рамки би се дефинирале четиринаесет административни кварта (Центар, Капиштец, Карпош 1 итн). Од пошироката урбана (субурбана) зона на Скопје би се издвоиле пет приградски населби како посебни општини (Драчево, Радишани, Ченто, Ѓорче Петров, Шуто Оризари) во кои влегуваат и поблиските рурални населби. Другиот простор на Скопскиот регион би го претставувале општини со седиште во рурална населба (Арачиново, Петровец, Кондово, Илинден итн).
Доколку станете градоначалник, дали ќе ги продолжите двата проекта на Костовски кои тој ги остави како аманет, мислам на проектот за трамвај и гасификација?
Апсолутно да, но како што стојат нештата, најверојатно во последните години од мојот мандат т.е. по завршувањето на мандатот на сегашната, со маркантен демократски капацитет Влада. Во спротивно, ми останува судбината на Костовски за аманети!
Наведените проекти сигурно би ги продолжил, но затоа како градоначалник попрво би скокнал во матен Вардар отколку да дозволам прскање против комарци. Години и децении наназад за ситни провизии ги лажат скопјани со некакви препарати што не биле штетни, а такви нема! Затоа пак, скопјанчињата одамна не можат да видат ластовички, а тоа што одвреме- навреме низ Аеродром ќе продефилираат илјадници гасеници, само укажува на нарушената еколошка рамнотежа.
Вашата визија за урбанистичкиот изглед на централното градско подрачје, плоштадот и неговата околина?
Бидејќи во последно време тематиката плоштад е исклучително актуелна, би се задржал само на него. Според Законот за Град Скопје, ако тоа и воопшто е така, сегашните надлежности како систем се и системски проблем! Локален градоначалник ни решава за уредување на локација (плоштад) со милениумско значење. Ајде да речеме дека тоа не е' жалосно, туку само смешно. Колку што се сеќавам, и господинот премиер во неколку наврати има изјавено дека се тоа одлуки на Општина Центар.
Во текот на кампањата, во вториот круг, кога и ќе се избира градоначалникот, токму на оваа тема, на скопјани и пошироко на македонската јавност, ќе им презентирам две нешта кои нема да бидат изненадување, туку изненадувања што се граничат со шокантност! Една од идеите е лично моја, резултат на мојот ментален склоп, додека втората ја носам како аманет од пред 25 години. Со нивното обелоденување и трката за градоначалник ќе биде завршена!?
|