Ветерот корнеше бандери
ГОСТИВАР - Невремето и силниот ветер, кој на моменти дуваше и со брзина од сто километри на час, направи пустош на териториите на општините Маврово – Ростуше и Центар Жупа. Предизвикани се големи штети на нисконапонската и високонапонската мрежа во регионот. Во селата Лазарополе и Жировница се искинати многу електрични жици, а се урнати и десетина бандери. Ветрот корнеше дрвја и носеше сообраќајни знаци и патокази по долината на реката Радика. Снабдувањето со електрична енергија на дваесетина села од подрачјето на Маврово и на Жупа е нормализирано вчера попладне, информираат од „ЕВН Македонија“. Штети има во триесетина викенд-куќи од туристичките населби околу брегот на Мавровското Езеро и тоа, главно, на покривите. (К.К.) |