Фудбал на полноќ во Саудиска Арабија
Фудбалерите на Најран, чиј тренер е Ѓоко Хаџиевски, тренираат кога сите спијат поради рамазанските празници и големите горештини
Миодраг Мицковиќ
Ѓоко Хаџиевски, нашиот најтрофеен фудбалски тренер и неговите помошници Ванчо Балевски, Златко Јанакиевски и Србинот Мирослав Стојниќ полека се приспособуваат на условите за тренинг и живот во Саудиска Арабија каде што во наредните две години ќе бидат на чело на клубот „Најран“ од истоимениот град со 400.000 жители во северниот дел на оваа арапска држава.
Сигурно дека не им е лесно поради моментните нови услови за тренинг. Поради рамазанските празници и високите температури тие се принудени да тренираат во доцните вечерни часови. Секојдневните тренинзи им почнуваат во 23,30 часот, а кога ќе завршат длабоко се навлезени кон утрото. Навистина несекојдневно време за тренинг, но така ќе биде се' додека не заврши рамазанскиот пост на 29 август.
„Некој ќе рече дека се шегувам ако кажам дека тренираме кога сите спијат“, беа првите зборови на Ѓоко Хаџиевски со кого деновиве телефонски разговаравме.
„Несекојдневното време за тренинг не е само поради високите температури, туку и поради постот за време на рамазанските празници. Откако ќе заврши дневниот пост играчите се принудени два-три часа да одморат и да се подготват за тренинг бидејќи организмот многу се истоштува без консумирање храна и вода. Така, одморени го почнуваме тренингот во доцните вечерни часови. И да ви кажам, се' се одвива нормално, нема никакви проблеми. Мене и на моите соработници малку ни беше чудно ова време за тренинг, во почетокот бевме без сон, но сега веќе и нашите организми се адаптираа на оваа временска промена. Инаку кога ќе почне првенството, ќе тренираме од 20 часот. Порано од тоа нема шанси, поради топлото време натпреварите се играат од 21 часот“, се надоврзува Хаџиевски.
Клубот „Најран“ не е меѓу водечките во Саудиска Арабија. „Не е, но луѓето што го водат се мошне амбициозни, сакаат годинава да бидат во горниот дел од табелата во лигата во која играат 14 клуба. Најпознат е ’Ал Хилал‘, кој е воедно и најбогат и најуспешен клуб во цела Азија, по него се ’Ал Ахли‘, ’Ал Шабаб‘, ’Ал Насер‘, ’Ал Итихад‘. Сите имаат огромни годишни буџети од кои боли глава. Општо е мислењето дека лигата во Саудиска Арабија важи за најсилна на Блискиот Исток. Тука работат или работеа познати тренерски имиња, како што се Мишел Прудом, Валтер Зенга, Димитрие Давидовиќ, Калдерон, Рајевац, Слишковиќ, несудениот селектор на Македонија, Бранко Иванковиќ. Нов селектор на Саудиска Арабија е познатиот холандски репрезентативец Франк Рајкард“.
Тимот на „Најран“ е составен од многу млади играчи. Од минатогодишниот состав останаа само тројца, па затоа стручниот штаб и раководството на клубот прават напори да ангажираат неколку искусни играчи од странство. Едно од потенцијалните засилувања во тимот на чие чело е Хаџиевски е нашиот поранешен репрезентативец Александар Васоски, кој веќе одигра неколку пријателски средби, но се' уште нема потпишано договор.
„Играчите се мошне дисциплинирани. Ако им кажеш да тренираат и три часа, ќе тренираат и притоа збор нема да кажат. Со моите помошници воспоставивме мошне добра комуникација. Во клубот владее прекрасна атмосфера, повеќе од еден месец сме заедно на подготовки. Досега одигравме четири натпревари. Учествувавме на турнир во кој остваривме по една победа, пораз и реми, но постигнавме голем успех совладувајќи го познатиот ’Ал Ахли‘ со 1:0 што влијаеше како вистинска сензација“, вели Хаџиевски, кој објасни и како македонската фудбалска колонија се снаоѓа во Саудиска Арабија.
„Во почетокот поради високите температури имавме проблем околу адаптацијата. До 18 часот нема излегување на улиците. Се добива впечаток дека асфалтот гори. Потоа станува издржливо, температурите паѓаат, почнува да дува ветер и може нормално да се работи. Целиот живот се одвива во вечерните часови. Ние сме сместени во еден луксузен комплекс станови и сите сме заедно на еден кат. Становите се ултрамодерно опремени. На располагање од клубот имаме три автомобили, одењето на тренинзите е одлично организирано. Клубот има свој тренинг-камп, со три терени, теретани, сауна, 20-метарски базен, 12 метри џакузи, соби за одмор и рекреација, канцеларии, медицинска ординација. Овде се' функционира на европско ниво и повеќе од тоа“.
И покрај напорната работа, Хаџиевски има и слободно време. „Поради ноќните тренинзи, спиеме подолго. Најмногу време минуваме крај телевизиските екрани, има интересна телевизиска понуда, американски филмови, ТВ-серии, шоу-програми, но цензурирани“.
Бившиот селектор на репрезентацијата има свое гледање и на животниот стандард на тамошниот народ. „Во ’Најран‘, да речеме, храната е многу поевтина отколку кај нас, во продавниците и супермаркетите има се': „тежат од роба“, сите возат големи и скапи автомобили, претежно џипови, патиштата се сите нови и широки, еднонасочни. Ретко се случуваат сообраќајни несреќи. Храната е мошне вкусна, сите работниците во рестораните се од Индија, Филипини, Пакистан, Бангладеш, можеби, затоа вкусот на храната е егзотичен и зачинет. Целата работна сила им е од Далечниот Исток, работат во хотелите, во продавниците, нема жени чистачки, сето тоа го работат мажите“, објаснува Хаџиевски и додава: „Во Саудиска Арабија условите за живот се мошне поволни. За да се наполни цел резервоар во автомобилот потребни се некаде околу 10 долари или 500 денари во наши пари. Во оваа држава водата е поскапа од бензинот.
Инаку, во стручниот штаб има и спортски лекар од Украина, а преведувач од Тунис.
„Да, покрај нас четворица тренери, клубот не правеше проблеми да ангажира и еден спортски лекар од Украина, кој работеше со мене во Баку, во Арзејбеџан, кој е еден од најпознатите во Украина и еден преведувач на арапски од Тунис кој одлично го владее и англискиот јазик.
Со оглед дека со нас е повеќе од еден месец, веќе го научивме и многу зборови македонски. Учител му е Балевски“.
ЖЕНИТЕ НИКАДЕ НЕ ОДАТ САМИ
Жените во Саудиска Арабија, не можат да се видат сами на улица, постојано се во друштво на своето семејство. Лицата целосно им се покриени со црно фереџе, им се гледаат само очите, вели Хаџиевски додавајќи дека во кафулињата седат само мажи.
„Навечер излегуваат само фамилии или друштво, кога се повеќе семејства жените седат посебно, мажите посебно. Тие обичаи строго се почитуваат. Инаку, народот во Саудиска Арабија е мошне гостопримлив, луѓето во клубот одлично не' прифатија, се трудат да ја исполнат секоја наша желба, кога се во прашање играчите, условите за тренинг и наши лични желби“, се обиде да ни ја долови атмосферата во Саудиска Арабија, Хаџиевски.
Принцот најголем навивач на Најран
Принцот Мишад Бин Абдулах Бин Абдулазис е најголем навивач на „Најран“. Тој е градоначалник на целиот северен регион на Саудиска Арабија. Како што ни кажа Хаџиевски, тој важи за голем љубител на фудбалот и кога има слободно време, не пропушта ниту еден натпревар на Најран.
Претседателот на клубот, Салех Аморех, го назначи принцот за почесен претседател на „Најран“. „Играчите го сакаат, тој е голема морална и финансиска поддршка за клубот. Пред почетокот на подготовките донираше 700.000 риали (околу 500.000 долари) за месечни трошоци. За време на последната посета на клубот со својот татко, кралот Абдулах, додели уште 500.000 илјади риали. Кога го победивме градот Таиф Ал Ахли дојде лично да ми ја честита победата ракувајќи се со секој играч посебно“, открива Хаџиевски. |