Број 3147  сабота, 28 ноември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Стил

Предизвикот на белите снегови на Црна Гора

Доживувањето на планинските туристички центри на Црна Гора, Колашин и Жабљак го потврди чувството на блискост со Македонија

Јасминка Павловска

Заблудата дека речиси не постои Македонец кој во својата патувачка биографија ја нема забележано Црна Гора, може да ве изненади токму од луѓе за кои сте уверени дека страниците од пасошот им се пополнети со печати и визи, уште пред да му истече важноста. Географската блискост на Црна Гора, заедно со фактот дека до пред дваесетина години бевме во иста држава, во која токму Црна Гора ни беше поим за најблиската достапност до „нашето море“, може лесно да не' заведе дека оваа мала планинско- морска земја на Балканот е апсолвирана дестинација.

Поканата за група новинари од Македонија од Министерството за туризам на Црна Гора за запознавање со зимската туристичка понуда на оваа земја се претвори во најпријатниот „демант“ на (само)увереноста во сопствените познавања на блиската ни дестинација. Далечината од 350 км, воздушна линија, се минува за половина час лет, на редовната авионска линија Скопје - Подгорица, на „Монтенегро ерлајнс“. Идеално место за база за истражување на зимската атрактивност на Црна Гора несомнено е Колашин. На македонските туристи познат како планинско место, најчесто одминувано на патот до летната морската цел, се покажува како сосема шармантно место на падините на планината Бјеласица, покрај реката Тара. Откривајќи ја надморска височина на Колашин од 1.450 метри и двата неодамна реновирани хотела („Бјанка спа-ресорт“ и „Липка“) во ранг на 4 ѕвездички, станува се' појасно дека ова место со 10.000 жители има сериозни амбиции во поглед на зимскиот туризам. Скијачкиот центар „Језерине“ (или според новото именување – Ски-ресорт „Колашин 1.450“), лоциран на дваесетина километри од градот, само го потврдува овој впечаток. Опремен според најмодерните стандарди за скијачи, со две жичарници (шестседечница и двосед), простории за чување, одржување и најмување на скиите, симпатични ресторани во дрвени куќи со камини, „Језерине“ изгледа ветувачки за загрозените по зимските спортови. Цените на дневните ски - карти се движат од 13 евра за деца до 18 евра за возрасни, со попуст за групи, како и за повеќедневен престој. Постојат и полудневни карти за 3,5 часа скијање по цена од 8 евра (за деца), до 14 евра (за возрасни), секако, со дополнителни попусти. За оние што претпочитаат да го трошат адреналинот на топло, „Бјанка спа-респорт“ и „Липка“ нудат уживање во топол зимски амбиент, создаден во ентериер од камен и дрво, но и привлечната моќ на спа-центрите со базени, сауни, масажи... Повторно би западнале во заблуда ако помислиме дека ако зимата е возбудлива во Колашин, летото би било здодевно за трагачите по адреналин. Во туристичката понуда на Црна Гора, ова место сериозно е анимирано со програми за планинарење, направена е патека за маунтан-бајкинг или рафтинг на реката Тара...

Во близината на градот се наоѓа и Биоградско Езеро, дел од националниот парк „Биоградска Гора“. Чувството дека влегувате во зона на некое маѓепсано езеро ќе ви се потврди со сознанието дека местото, всушност, е едно од последните три европски прашуми. Од 1878 година, кога локалните братства и племиња му го подариле ова подрачје на кнезот Никола, тој овој бисер на природата го прогласил за „кнежев забран“- подрачје под заштита на државата. На Биоградско Езеро (ледничко езеро) интервенциите во биоценозата се минимални. Лисјата не се чистат, ако паднат дрвјата, не се тргаат... И можеби ќе прозвучи дека црногорската мрзеливост од легендите е ставена на Биоградско Езеро под „заштита на законот и природата“, практичната и симпатична дрвена патека, бунгаловите, ресторанот... сведочат дека човекот таму дејствува сосема дискретно, без да го наруши природниот циклус на природата.

Ако Биоградско Езеро го доживеете како маѓепсано, тоа чувство на Црното Езеро кај Жабљак се претвора во доживување, слично на она кога првпат ја читате „Алиса во земјата на чудата“. Глечерското езеро скриено во иглолисна шума, во кое се огледуваат врвовите на Дурмитор, неодоливо потсетува на место каде што се случуваат бајки, каде што постои паралелен свет во езерото - огледало. Можеби затоа е користено и за снимање многу рекламни спотови за Црна Гора, а на лето - совршено место за бегство од летните горештини.

Дополнителната убавина на ова езеро е што туристите, во својата итаница кон морето, го немаат масовно откриено, па привилегијата да уживаат во него најмногу ја користат Црногорците. И покрај убавината на Црното Езеро, што остава без здив, главниот туристички зимски акцент на Жабљак е скијачкиот центар „Савин Кук“, сместен на падините на највисокиот врв на Дурмитор. Стрмноста на теренот на еден гребен, што се издига на надморска височина од 1.500 до 2.150 метри е вистински предизвик за љубителите на екстремното скијање, но постојат и поблаги терени за рекреативци. За сместување на Жабљак, најпрепорачливи се приватните капацитети, каде што за 25 евра може да се најми цела куќа. И хотелското сместување е поевтино отколку во Колашин, но хотелите (па и скијачкиот центар) се' уште го немаат модерниот гланц, но нудат сосема пристојни услови. Во Колашин, цените на приватното сместување се движат од 10 до 15 евра од кревет, со отворена можност за договор.

Како вишна на шлагот во впечатоците од откривањето на континенталните туристички предизвици на Црна Гора доаѓа туристичкиот комплекс „Плавница“, сместен на Скадарско Езеро, близу до Подгорица. Првиот поглед на овој комплекс, изграден пред три години, на најголемото езеро на Балканот, во најблиско соседство на Јадранско Море (можеби и затоа во сенка на морето), ја предизвикува помислата дека веќе нема да посакате некое егзотично патување. Современ, со блескав ресторан од висока категорија, базени сместени до езерото, овој комплекс нуди осмислени и разновидни понуди, приспособени на највисоките стандарди и трендовски барања на туристичкиот пазар. Во „Плавница“ се нудат и екскурзии по Скадарско Езеро, со модерен панорамски ресторан - брод, од катамернски тип.

Доживувањето на Црна Гора во (пред)зимски амбиент го потврди чувството на блискост со Македонија: и географска и по менталитет. Но, го донесе и сознанието дека колку и да сме блиски, секогаш останува простор за нови откритија и пријатни изненадувања.

Манастирот на Морача

Првата асоцијација во Македонија за манастирот на Морача е како место за одмор пред да започне возењето по напорниот возачки пат по кањонот на реката Морача. Обиколен со висок камен ѕид, со конаци во дворот, украсен со фрески и уметнички резби, овој манастир со векови бил духовен просветителски и културен центар на Црна Гора. Подигнат е од Стефан Немањиќ во 1252 година, син на Вукан, а внук на Немања, кој ја започнал средновековната династија на Неманиќите. Во 1504 година, манастирската црква „Успени�� на Богородица“ е ограбена и запалена од Турците, а однесен е и оловниот покрив. По 70 години е обновена, но фреските од 13 век толку биле оштетени што во текот на 17 век повторно е живописана. Фреската која предизвикува најголем интерес во оваа црква е таа од циклусот за пропоркот Илија, насликан со гавранот, кој го храни за време на неговото испоснишво. Денес во црквата е поставена репродукција од оваа фреска, додека оригиналот се наоѓа во делот на олтарот - ѓаконикон, кој не е достапен за посетителите.

Овој манастир ја има титулата лавра, што значи постојат повеќе цркви во рамките на еден манастир. Покрај црквата „Успение на Богородица“, во манастирот на Морача постои и помала црква, посветена на свети Никола.

 


#
Статијата е прочитана 768 пати.

Испрати коментар

Од: Катерина
Датум: 28.11.2009 02:19:38
Сум била во Манастирскиот комплекс Морача и би сакала да ја искажам мојата имресионираност од тоа место. Пленува со прекрасната, живописна природа, тишината, среденоста на дворот и хигиената. Сепак најголем впечаток ми остави можноста самостојно да си уловиш риба од манастирскиот рибник и истата да ти ја подготват..ммм..се уште го чувствувам нејзиниот вкус.

Најди! во Утрински
Насловна
Албанците - нивното минато, потеклото и обичаите (8)
Дедо Стефан и ќесето
Зденко
Груевски сардисан од сите страни
Пропадна и четвртиот тендер за двокатни автобуси
Демократска ликвидација!
Најмалку 30 загинати при терористички напад врз воз во Русија
Новите балади на Тоше пред скопската публика
Реквием за ДПМНЕ
Болните на клиниките во паника
Банките прашуваат дали си политичар
Нападите во Бомбај
На АВНОЈ беше најавен АСНОМ
Лек за балканската депресија
Двојните аршини на Бугарија