Словенечкиот Барак Обама
Не се вратив во Гана поради љубовта
Во Љубљана дошол во 1987 година, се вљубил во колешка
Работи како локален лекар, има сопствена клиника
„Повеќе не ја гледаат бојата на мојата кожа, туку во мене гледаат добар лекар и човек“
Пиранскиот Обама, како што го нарекуваат медиумите во Словенија, Питер Босман, 54-годишен лекар, со потекло од Гана, преку ноќ стана топ-ема во светските новински агенции што ја пренесоа веста за неговиот избор за градоначалник на Пиран, гратче во Словенија со околу 17 илјади жители, сместено во мал залив во Јадранското Море.
Мразот е скршен - словенечките избирачи покажаа дека не им робуваат на предрасудите. Кој е Босман и како стана првиот црномурен градоначалник на Балканот?
Новиот градоначалник т.е. жупан на Пиран дошол во поранешна Југославија во 1987 како студент, а откако на факултетот во Белград немало место за него, во Љубљана се нашол по иг��а на случајот. Како што вели, дотогаш не слушнал за градот, но веднаш се вљубил во него. За време на студиите се вљубил во Хрватката Кармен Лаковиќ, со која во брак и имаат две деца, Алис и Карин. Токму семејството е причината што по завршувањето на Медицинскиот факултет не се вратил дома, каде што денеска живеат мајка му и сестра му, додека шесттемина браќа се растурени низ Америка, Канада и низ Англија.
Локалниот Обама изгледа многу смирено и трезвено и вели дека победата не е случајна, туку е плод на напорна работа. Поради новата должност ќе мора да ја стави во мирување својата работа во клиниката за одвикнување од зависности што со години ја води во Копар.
Признава дека предизборната кампања беше валкана, а притоа бојата на кожата никој не ја потенцираше, но подметнувања имаше во облик на обвинувања за вонбрачно дете, па и дека е коцкар. На сето тоа тој одговараше смирено, а на веста за детето рече дека со задоволство и самиот би го запознал, зашто во неговата култура не постојат вонбрачни деца и за сите еднакво се грижат.
На прашањето како се чувствува кога го споредуваат со американскиот претседател вели: „Јас не сум Барак Обама, туку Питер Босман, од африканско потекло и сакав да станам градоначалник на Пиран. Фантастично чувство, горд сум на она што го постигнав“, изјави Босман за Би-Би-Си.
Тој вели дека неговата победа покажала високо ниво на демократија во Словенија. Додава дека во последниве десетина години не почувствувал никаква дискриминација поради бојата на својата кожа и оти немал никакви проблеми. Босман е убеден дека луѓето повеќе не ја ни гледаат бојата на неговата кожа кога ќе го погледнат, туку во него гледаат добар лекар и човек.
|