Долг врз долг - банкрот
Грчко сценарио за Португалија
Од 12 отсто на 14,5 отсто, па се' до 16,5 отсто се качија португалските краткорочни стапки на камата
Никој не веруваше дека намалувањето на кредитниот рејтинг на Португалија од страна на агенцијата „Мудис“ ќе има огромно влијание на пазарите на капитал. Но, сепак, се случи токму тоа. Неверојатно пораснаа португалските краткорочни стапки на камата, добивка од државните обврзници од оваа земја, кои растат секогаш кога се зголемува ризикот издавачот на обврзниците да банкротира за на инвеститорите да им се компензира зголемениот ризик што ги држат таквите обврзници кај себе. Од 12 отсто на 14,5 отсто, па се' до 16,5 отсто, се качија каматите. Ова го покажува мамутскиот колапс на довербата во една земја која веќе беше спасена од банкрот од страна на Европската унија. Ова е во суштина сценариото на ноќна мора за Европа. Со оглед на тоа што приватните сопственици на грчки државни обврзници ќе мора да прифатат загуби, обврзниците од сите други земји на ЕУ сега се третираат како чума на пазарите на капитал. Откако „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Португалија за дури 4 степени до нивото Ба2, со што ја смести во иста категорија како и Грција, доделувајќи и' „ѓубреџиски“ кредитен рејтинг или шпекулативен рејтинг, со кој кредитните инструменти на оваа земја се со „сомнителен кредитен квалитет“, „имаат шпекулативни елементи и се предмет на значителен кредитен ризик“. Агенцијата прогнозира дека Португалија ја очекува грчкото сценарио и дека вториот пакет-помош од меѓународните кредитори го потенцира како неопходен за враќање на државата на пазарот на капитал. По Грција и Ирска, Португалија во април стана третата држава од еврозоната која од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд доби средства за да остане солвентна.
Португалија во период од три години ќе добива 78 милијарди евра и нема да има потреба да продава државни обврзници до 2013 година. Но, и покрај тоа, „Мудис“ смета дека државата нема да го намали буџетскиот дефицит и долгот. Агенцијата смета дека португалската економија значително ќе се влоши во втората половина од 2013 година и таа нема да биде во можност да ги исплаќа ратите од кредитот. За разлика од Грција, која има огромен долг, оној на Португалија е многу понизок, но проблемот кај оваа земја е нискиот степен на економски раст и тоа со години наназад, а нема ни очекувања дека тоа ќе се смени дури и на долгорочен план.
Зошто се' уште им се верува на агенциите
Она што е зачудувачки во оваа сета ситуација е како е можно инвеститорите и понатаму да имаат ваква без малку слепа доверба во агенциите за кредитен рејтинг како што се „Мудис“, „Стандард и Пурс“ и „Фич“, кога тие се сметаат за главните виновници за светската рецесија, заедно со банките. Тие пред рецесијата измислуваа нови должнички инструменти наречени „колатерални долговни облигации“, кои содржеа купишта хипотекарни обврзници, кои беа составени, пак, од единечни долгови – хипотеки на недвижен имот. Ваквите комплексни должнички инструменти, речиси без исклучок, кредитните агенции ги оценуваа со највисок рејтинг ААА, иако не знаеја какви хипотекарни кредити содржат хипотекарните обврзници и на кој му се дадени тие хипотекарни кредити и дали лицата што ги зеле тие кредити можат да ги вратат.
Кога банкарите видоа дека нивните финансиски инструменти од овој вид добиваат висок рејтинг и поради тоа можат да им се продадат на наивните инвеститори, тие почнаа да ги намалуваат критериумите за доделување кредит зашто таквите хипотекарни кредити ги продаваа на најголемите банки на Вол стрит, за кои се сметаше дека се квалитетни обврзници што би носеле од 9 до 12 отсто добивка годишно. |