Со „Пријателство“ стартува Фестивалот на германски филм
Под мотото „20 години обединување“, 6. германски фестивал носи 13 филма кои говорат за животот во Германија денес
Сунчица Уневска
Од денес до 19 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ во Скопје ќе се одржи 6. Фестивал на германски филм. Годинава овој фестивал, што го организираат германската амбасада во Скопје и Про кредит банка, ќе донесе 13 филмови кои под мотото „20 години обединување“ ќе проговорат за животот во Германија денес, но и за феноменот на промените.
„Паѓањето на ѕидот за нас беше позитивен момент, кој беше и почеток на други позитивни настани што се случија во светот. Овие филмови, а особено документарците, порачуваат дека ние сами себе не се сфаќаме толку сериозно, туку гледаме позитивно и гледаме кон иднината“, рече Франк Штесел, прв секретар во германската амбасада. На прес-конференцијата, која ја организираа заедно со Про кредит банка, тие најавија уште попрофесионална програма од претходните изданија на Фестивалот на германски филм, која ќе донесе една нова приказна, една нова историја, различни човечки судбини, многу љубов и смеење до солзи со филмовите, кои во Германија беа хитови.
Во овој избор од 13 играни и документарни филмови, како и неколку кратки филма, застапени се сите жанрови, од комедии до историски драми. Фестивалот ќе се отвори со комедијата „Пријателство“ на Маркус Голер, чија приказна тргнува токму со паѓањето на ѕидот во 1989 година. Тоа е шанса за младиот Фајт да замине за Америка, за Сан Франциско, за да го најде својот татко, кој емигрирал во САД пред 12 години. Комедијата започнува кога тој и неговиот пријател ќе успеат да стигнат само до Њујорк, а единствениот англиски збор што го знаат е „пријателство“.
Покрај оваа, ќе бидат прикажани уште четири комедии, меѓу кои и двата големи германски хита „Зајче без ушиња“ и „Пиле со две ушиња“ на Тил Швајгер, кој во Германија е и познат актер. Во овие два филма, кои се поврзани, тој ги следи откачените настани на репортерот Лудо, што го игра самиот и неговиот папарацо. „Лила, лила“ е љубовна комедија на Ален Гшпорнер, во која главната улога ја игра Даниел Брул. Додека „Виски со вотка“, една забавна приказна во чие средиште е актерот Ото Кулберг, ја потпишува Андреас Дрезен. Овој филм лани беше прикажан во главна конкуренција на Фестивалот во Карлови Вари, Чешка, каде што ја доби наградата за режија.
Фестивалот ја носи и исклучителната драма „Џон Рабе“, која ја раскажува вистинската приказна за германскиот Шиндлер. Филмот ја раскажува приказната за Џон Рабе, кој работел во претставништвото на „Сименс“ во Нанкинг, каде што во 1937-38 година ќе успее да спаси 250.000 луѓе од познатиот нанкиншки масакр. „Џон Рабе“ е направен по сценарио и во режија на Флоријан Галенбергер, а главниот лик одлично го игра Улрих Тукур. Во рамките на годинешниот фестивал ќе ги видиме и драмите, „Папата Јована“ на Зенке Вортман, со Јохана Вокалек, Џон Гудман, Дејвид Венам, Јан Глен и други, како и „Никогаш не сум бил волку среќен“ на Александер Адолф, за љубовта на еден измамник со недвижнини.
Во програмата е вклучен и „Германија 09“, филмот кој е составен од 13 кратки филма на актуелните германски автори, кои од свој агол говорат за денешна Германија по 60 години од Втората светска војна, по 40 години од студентското движење во 1968, по 20 години од паѓањето на ѕидот. Меѓу авторите се и: Фатих Акин, Волфганг Бекер, Том Тиквер и други. Интересен е и изборот на документарни филмови, меѓу кои е и „Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева, кој е снимен во германска продукција. А тука се и: „Една земја - два света“, за две семејства во западниот и источниот дел, „Да не ти се верува, одеднаш го снема Ѕидот“, за тоа како луѓето го доживеаја тој ден и „За полетот вие сте надлежни“, една необична приказна за „куќите од иднината“ на Улрих Митерс.
Фестивалот се одржува со поддршка на Гете-институтот и на МКЦ, каде што во киното „Фросина“ ќе одат сите проекции со почеток во 20 и во 19 часот. А покрај во Скопје, Фестивалот на германски филм и годинава ќе се одржува уште во неколку градови во Македонија, како и претходните години. Со таа разлика што оваа година покрај Битола, Прилеп, Штип и Тетово, домаќин ќе биде и Кавадарци, како годинашен град на културата. Паралелно со фестивалот во Скопје, проекции ќе има во Тетово, и тоа од 14 до 18 октомври и во Штип од 18 до 22 октомври. Во Кавадарци, пет филма од фестивалот ќе бидат прикажани во терминот од 19 до 21 октомври, а во Битола и во Прилеп термините се од 15 до 29 октомври. |