Број 3260  сабота, 17 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Култура

Александар Поповски го извлече најдоброто од актерите во „Гавела“

Инспиративната претстава ја красат поетичен тон и практични сценски решенија

Александар Поповски повторно успеа во „Гавела“. Неговата режија на „Пер Гинт“, последното дело во стихови на славниот Норвежанец Хенрик Избен, ја заокружи инспиративната претстава.

На крајот од 2007 година, Поповски во „Гавела“ ја режираше Шекспировата „Сонот на летната ноќ“, кога сцената целата беше во црвено. Овој пат таа беше во бело платно, а сценографите се исти - продукт дизајнери од „Numen“.

И оваа претстава на македонскиот режисер кој гостува во Хрватска ја красат поетичен тон и практични сценски решенија. „Пер Гинт“ го персонифицира норвешкиот мит, односно усно книжевната традиција, па и самите Норвежани како такви. Главниот лик, Пер Гинт ниту нам не ни е многу оддалечен, бидејќи својата кариера на јунак ја почнува така што ја грабнува невестата на свадба. Потоа како бегалец од законот се крие во норвешката дивина, каде се сретнува со тролови, па талка низ светот, се до Мароко. Во текот на своето бегство Пер Гинт се занимава со се и сешто, ги менува професиите и завршува како трговец со робови. Тоа истовремено е и љубовно патување, бидејќи на крајот од патот наводно го чека девојката Солвејг. Но, всушност, го чека смртта.

Цело време над него бдее мајката Асе, која го прогонува со своите желби и откако ќе биде мртва. Поповски во голема мера го скратил текстот, чии пет чина би можеле да се проследат во пет часа, а вака претставата трае три часа и притоа од текстот не е изоставен ниту еден важен драматуршки детал.

Претставата е дискретно сатирична, а во петтиот чин, кој почнува по паузата, израснува во филозофска, но и мошне убедлива драма за стравот од смртта.

Улогата на Пер Гинт ја толкува младиот хрватски актер Озрен Грабариќ, кој хрватската критика го смета за најдобар нов карактерен актер. Ваквиот третман му претставува уште поголем товар и причина за трема, така што, според критичарите, на моменти ги мешал нагласките во зборовите, но како што растела претставата, растел и тој како лик. „Грабариќ, оценува хрватската критика, покажа дека созреа како актер, одигра тешка улога, со многу текст, со многу корисно насочена енергија, а сепак скромно и воздржано“. Ги избричил и мустаќите, кои во суштина го правеле комично рурален.

Мајката одлично ја игра гостинката од Хрватско народно казалиште, Алма Прица, која едноставно копнее за вакви режисери и улоги. Одлична минијатура одиграл и Божидар Бобан, а доста се истакнал и Ненад Цветко во неколку помали улоги.

За издвојување се и одличните и елегантни костими на Мерита Ќопо, скроени во духот на претставата, кои всушност се најдоминантниот дел од знаците на сцената. Кроени од памук или сплетени од волница, костимите во „Пер Гинт“ на Александар Поповски, се направени според физиономијата на секој од актерите, така што ги истакнуваат нивните предности, но и местото во претставата. (Н.П.)


#
Статијата е прочитана 356 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
МОБ со подобрени услови за работа
Скопскиот филмски фестивал со 70-ина филма
Оперската певица Дешира Ахмети настапи во Равена
Избраните дела на Ристо Лазаров - оригинално издание на Саемот
Проекција на „Катињ“ во МКЦ