Тетово се збратими со општина Коња од Турција
ТЕТОВО - Општината Тетово ја официјализира меѓународната соработка воспоставена со Општина Коња, Република Турција, и ја издигна на ниво на збратимување. Одлуката е донесена минатата недела на 40. седница на Советот на Општината, а завршува со потпишување официјална повелба на градоначалниците на двете општини. Тетово и Коња веќе имаат воспоставена соработка која се сведуваше на размена на искуства и меѓусебно зближување на ниво на локални самоуправи.
По престојот на градоначалникот на Коња, Тахир Акјурек, во почетокот на овој месец во Тетово, кога со домаќинот Хазби Лика потпишаа меморандум за заеднички активности, договорена е соработката да се прошири на културен план и ќе се одвива во заштита на културното наследство, особено спомениците на културата во Општина Тетово како и заеднички активности во социјална, уметничка и едукативна насока со поддршка на граѓанските здруженија. Врв над се' е веќе договорената соработка на економски развој и стимулирање на бизнисмените на двете општини за побрз развој на економијата. Инаку, почетната инвестиција е во повторното подигнување на два објекта од турско време: Саат кулата и мостот на Казазите на реката Пена, за што поголемиот дел од потребните финансии ги обезбедува Општина Коња. (Г.Е.) |