Еврообврзница или ММФ - прашање е сега
Според Ставрески, издавањето еврообврзница станува една од најверојатните опции
Соња Маџовска
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, почна да го боли глава, не знае од каде побрзо да зајмува пари. Дали да се земе кредит од ММФ под поволни услови и камата од 1,3 отсто или, пак, да се издаде еврообврзница за која се' уште е неизвесно каква камата може да се постигне?
Првиот финансиер очигледно е во голема мака. Кога се врати од Вашингтон беше насмеан додека соопштуваше дека ММФ е расположен да ни даде заем од дури 400 милиони евра, под многу поволни услови. Сега кредитот од монетарците отиде во втор план, а како најверојатна опција излезе дека е издавањето еврообврзница.
Изборот да се емитува еврообврзница особено е подгреан во Владата поради подобрениот рејтинг на земјава од страна на кредитната агенција „Фич“. Таа, по двонеделно скенирање на состојбите во Македонија, вчера на Владата и' испратила известување дека кредитниот рејтинг е променет од негативен во стабилен. Рејтингот е подобрен врз основа на високата фискална дисциплина, стабилноста на јавните финансии, ниското ниво на јавен долг, како и обновувањето на девизните резерви на едно стабилно ниво, изјави вчера Ставрески. Според него, тоа е одличен сигнал за инвес��иторите да се решат да ја купат нашата еврообврзница по пониска камата. „Емитувањето еврообврзница, секако, е опција за нас, а секое подобрување на рејтингот е добар сигнал во таа насока, па верувам дека тоа ќе помогне каматната маргина на нашите еврообврзници да се намали. Во основа, Македонија има здрави економски политики и силни базични фундаментални политики, кои, за жал, во цената на нашата еврообврзница досега не беа целосно препознаени, бидејќи, очигледно, го трпиме трошокот од кризата во соседството, од кризата во една соседна земја и пошироко во Европската унија. Но, со подобрувањето на рејтингот од страна на ’Фич‘ ќе може да се намали трошокот за издавање еврообврзница. Па, така издавањето еврообврзница останува како една од најверојатните опции“, изјави министерот Ставрески.
Од изјавата на првиот финансиер излегува дека и Македонија немала криза, туку ги трпи последиците од кризата во соседството.
Овој негов став се' повеќе се поклопува и со ставот на премиерот Никола Груевски, кој цело време изјавуваше дека нема конечна одлука дали ќе се земат парите од ММФ и оти во земјава нема некоја крупна потреба од таков заем. Според ова, излегува дека бадијала се израдуваа стопанствениците што јасно побараа од Владата да не ја пропушти оваа шанса. Веднаш по објавувањето дека земјава ќе земе заем од ММФ од 400 милиони евра и 200 милиони евра од Светска банка почнаа да се прават калкулации каде треба парите да се насочат. Приоритет им се даваше на инфраструктурата, здравството, енергетиката. А тоа значеше и еден вид ветување дека Владата нема, како што беше оваа година, да го цица стопанството задолжувајќи се на домашниот пазар.
ММФ и Владата на Груевски се разидоа пред повеќе од три години, кога власта ја откажа кредитната поддршка од монетарците најмногу поради нивната строга контрола врз трошењето на буџетските пари. Поради тоа, Владата лани мораше да издаде еврообврзница со камата од 10 отсто. Втората еврообврзница годинава не успеа поради високите камати, а како ќе биде в година, ќе видиме? |