Брoj 2820  сабота, 25 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter

Анализа

Стоките поевтинуваат - парите поскапуваат!

Абдулменаф Беџети

Финансиската криза во Македонија повеќе ќе влијае врз реалниот сектор отколку врз финансискиот.
На потег е Владата, а не НБМ

Најновата криза која почна во финансискиот сектор на САД, многу брзо се прошири во Европа, а наскоро се очекува да „пукне“ во Русија и пошироко, не е резултат на нормалните економски законитости, уште помалку на функционалната пазарна економија. Таа започна како „пакет-производи“, на примарните пазари, за да се „спакува“ и трансформира за препродажба на секундарните и терцијарните пазари. Од комерцијални банки, преку инвестициски фондови, па се' до купопродажни корпорации со парични сурогати и надуени вредности, како кула од карти паѓаа вртоглаво, кога се дозна дека ниту приближно не вредат толку колку што се проценети. Сите овие субјекти кои на еден или друг начин учествувале во овие „вредносни пирамиди“ и фабрикувале пари преку (пре)продажба на овие производи, а кои котираат на берза, почнаа да ги губат своите финансиски позиции кога немаше кој да ги купува нивните акции. Во последната недела од септември, во само еден ден, индексните поени во Волстрит паѓаа дури и за над 750, што не се случило и првиот ден на големата депресија - Црниот петок 1929! Како и беше очекувано веднаш „скокна“ државата и најави преземање на лошите побарувања со пакет од 700 милијарди американски долари. Ова е само почеток, се цени дека „крајната цена“ ќе биде најмалку три пати повисока.

Имајќи предвид дека оваа тема била анализирана од финансиски аспект, јас ќе отворам некои други аспекти од проблемот, пред се' социјалните и дистрибутивните. Откако накратко го објаснивме потеклото на проблемот, се поставува прашањето кој ќе ја плати огромната цена. Ако „придобивките“ од овие трансакции ги наплатиле крупните риби - сопствениците на компаниите и генералните менаџери (играчите на берзата), без разлика дали со однапред зацртано сценарио или не, сепак, цехот ќе падне на средната класа или, пак, најлошо, на сиромашните. И тоа не само преку дано��ите туку и преку загубените работни места. Ова претставува најкласична прераспределба на ресурсите и богатството во една национална економија. Проблемот од финансиски се трансформира во социјален. Поради тоа, државите и владите не можеа да останат индиферентни. Додека оригиналниот извор на проблемот потекнува од структури луѓе - главно натпросечно богати (генерални менаџери) и супербогати (претежно сопственици на компании), решението се бара во социјализираната димензија - преку даноците и другите државни субвенции. Проблемите кај овие субјекти и корпорации, кои според нивната големина, структура и контаминирана природа, вртоглаво се пренесуваат кај другите субјекти со нивна трансмисија во реалниот сектор во метастазирана фаза и предизвикуваат рестрикција со димензии на рецесија кај основните преработувачки капацитети, со интервенција на државите, тие се социјализираат и стануваат општествени проблеми.

Знаејќи дека ваквите финансиски состојби можат да се санираат само со свежи и реални пари (никако со инфлаторни) кои се' помалку ги има на страната на понудата, а се' повеќе се бараат, па поради тоа нивната „цена“ постојано расте. Сепак, најлошо од се', а за него најмалку се дебатира е прашањето - дали и сегашните вредности на компаниите (нивните акции) вредат толку колку што се преценуваат според нивните финансиски извештаи и информациите лиферирани во јавноста. Се наближува крајот на фискалната година кога компаниите ќе треба да ги подготват финансиските извештаи според пазарните вредности (вклучувајќи ги и лошите побарувања), па потоа тие да се ревидираат од официјалните ревизорски компании (на кои се' помалку ќе им се верува, поради тоа што пропаднатите банки од нив добивале највисок бонитет и кредибилитет).

Поради сево ова, ерата на „државната интервенција“ не само што не заврши туку само што започна. Регулаторите и функционалните пазарни институции се на испит пред новата реалност. Или ќе го исчистат националното економско портфолио или ќе „смрди“ уште долго и тешко ќе се рехабилитираат инфицираните развиени економии во светот. Во вакви услови, пазарот сам е немоќен (Market failure) да ги регулира овие односи. Со право реагираа сите влади на најразвиени економии во светот. Прва реагираше американската влада, без разлика што стартуваше со „скромен“ износ (колку и германската влада). Ако сето тоа се собере, претставува повеќе од 2,5 трилиони долари, износ која претставува околу 5 отсто од светскиот БДП, но дефинитивно тоа претставува највисока државна интервенција во економијата по Втората светска војна. Сепак, тоа е само почеток!

Како овие состојби ќе влијаат врз нашата економија? И покрај тоа што нашата економија е премала во глобални размери, но и малку мултинационални компании оперираат на нашиот пазар, сепак, не треба да се занемарува потенцијалниот ризик од оваа криза. Надлежните институции треба да ги идентификуваат сите ризици и да изградат соодветна стратегија како да се заштитат од нивните мултипликативни импликации. Суровинските сектори и полуфабрикатите на нашата индустрија веќе почнаа да ги чувствуваат првите ефекти од опаѓачките трендови на берзанските цени. Нашите компании кои преживуваат во конјунктура на високи берзански цени, треба да се поддржуваат во овие периоди. При тренд на постојан пораст на трговскиот дефицит и намалување на приватните трансфери од нашите гастербајтери во странство, треба да се најде структурно решение за дефицитот на тековната сметка, кој веќе достигна рекордно ниво. Во состојба на глобална криза во Западна Европа и во САД најдиректно македонската економија ќе биде погодена од „нето ефектите“ на извозот на работната сила која ни носи приходи од ремитенците во тие земји. Покрај овие ризици, реалниот сектор, од една страна, ќе има зголемени трошоци по основа на зголемена цена на капиталот поради порастот на „цената“ на парите, а од друга, ќе се намалува потрошувачката (се' уште највлијателниот фактор на економскиот раст на македонската економија) и со тоа економскиот раст. Некои кредити веќе се поскапени еднократно за еден отсто, а одделни кредитирања по основа на платежни картички дури и за 1,5 отсто. Поради оваа, вицепремиерот за економски прашања ја „советува“ монетарната власт да ја намали основната каматна стапка (есконтната) според логиката на движењето на стапките кај американските монетарни власти (Федералните резерви). Тој вели дека владата тука не може ништо да направи, бидејќи тоа е во „милост“ на централната банка, заборавајќи дека извршната власт во САД преку фискалните политики директно ја презеде обврската за санирање на кризата.

Факт е дека се' уште финансискиот сектор е најпрофитабилна гранка во Македонија: за првите шест месеци годинава неговата бруто-добивка изнесуваше 2,5 мрд. денари или 41 мил. евра. Тоа зборува не само за постојан тренд на пораст, туку динамиката на растот во однос на истиот период лани е повисока за 13,2 отсто. Паралелно со оваа и стапката на повратност на капиталот е во постојан раст (ROE=19,1 % и ROA=2,2 %), но тие не можат со директни мерки да се задолжат за намалување на каматните стапки. Основната причина е што концентрацијата на банкарскиот сектор е само во три банки од вкупно 18. По основа на пазарното учество трите најголеми банки постигнуваат до околу 70 отсто, додека по основа на профитабилност, дури до 89,3 отсто (состојба 30.6.2008). Оваа состојба може да се подобри само со поголема конкуренција во банкарскиот сектор. Во сево оваа голема среќа е што билансната структура на банките (барем на најголемите) е квалитетна не само по основа на ликвидноста и солвентноста туку и по изворот на средствата и сигурноста на пласманите, а сето тоа во состојба на нефункционален и неефикасен судски систем. Но, тука е цврстата и бескомпромисна супервизија на НБМ. Поради сево ова, финансиската криза во случајот на Македонија повеќе ќе влијае врз реалниот сектор отколку врз финансискиот. Затоа, на потег е Владата, а не НБМ, која го заврши својот дел.

 


Статијата е прочитана 771 пати.

Испрати коментар

Од: Nikola
Датум: 25.10.2008 20:05:30
Potrebni se povece vakvi analizi za ona sto se slucuva vo svetot i za reperkusiite kaj nas. No, spored komentarite (nitu eden do 19.50 casot) ocigledno nasiot narod znae i saka samo da se kara i navreduva, a ne e zainteresiran nesto da mu se razjasni za da go razbere ona sto se slucuva okolu nego. I zatoa ce ima komentari za praznikot na DPMNE, a ova sto se slucuva vo finansiskiot svet i sto ima direktno vlijanie vrz nasiot zivot, ne mora ni da se objavuva i da se trosi hartija. Samo za karanici, navredi i udiranje v gradi ne biduva. Zatoa sme siromasni, zatoa vo 21 vek se borime za imeto.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Претходен број
Скопје е најсиромашната метропола во Југоисточна Европа
Зденко
Храната и превозот ќе ни зависат од волјата на „газдите“
Лоши вести од соседството
Струјата ќе поскапи за 13,5 проценти
Партиска прослава
Молк по средбата на државниот врв за предлозите на Нимиц
Не попуштаат ни патријархот Павле ни ВМА
Македонци во соседството ги продаваат органите за пари
Притвор за Бајруш Сејдиу, под лупа и ексдиректорката на УЈП
Машката судбина на албанските „заколнати девици“
Најпознатата држава во светот
Прогонството на Македонците од Грција (4)
Вербатим