Федерер: Ќе го победам Ѓоковиќ, со него можам на секоја подлога
Швајцарецот сигурен во своите можности пред стартот на најпрестижниот турнир Вимблдон
Швајцарецот Роже Федерер подготвен е за денешниот старт на Вимблдон. Тој верува дека ќе ги совлада сите препреки и дека ќе го освои пехарот. Тоа подразбира и победи над главните конкуренти Новак Ѓоковиќ, кој никогаш не освоил турнир на трева и Рафаел Надал.
Федерер во обраќањето до медиумите во Лондон кажа дека на Ролан Гарос само се загревал за седмата титула на Вимблдон, како и дека знае неколку начини како да го порази Ѓоковиќ.
Истовремено Швајцарецот подели и доста комплименти не само за играта на Новак, туку и за онаа на Надал и на Мари.
„Се' е супер. По 10 минути на трева веќе ја почувствував под нозете. На трева ми е толку нормално и лесно да играм. Доколку се сретнам со Ѓоковиќ можам пак да го победам. Тоа го знам, бидејќи можам да го добијам на било која подлога. Сум го победувал Новак и порано. Тоа што тој е во фантастична форма и што има феноменална низа победи не значи дека е непобедлив. Така размислував и пред н��шиот меч во Париз. Тука на Вимблдон имам уште поголема самодоверба. Мислам дека сум во подобра форма во споредба со Ролан Гарос и очекувам добар резултат“, сигурен е Федерер, кој додаде дека сите четворица се одлични играчи на трева „иако Надал се' уште не го покажал најдоброто од него на таа подолга“.
„Сите знаеме дека Рафа е одличен на земја, па и на тврда подлога. Ќе ги покаже своите квалитети и тука, баш како и Мари. Ѓоковиќ, пак, секогаш бил добар на трева, но се' уште не е спектакуларен. Ми се чини дека никогаш не сме биле поизедначени на трева. Ќе гледате врвен тенис, во тоа сум сигурен“, им порача Федерер на гледачите.
Ѓоковиќ, пак, изјави дека улогата на фаворит им ја препушта на Федерер и на Надал. „Нема ништо да менувам во својата игра од основната линија, само ќе ја користам секоја можност да излезам на мрежа. Им го признавам статусот на фаворит на Федерер и на Надал. И двајцата веќе со години доминираат на трева“, смета Ѓоковиќ.
Легендата на светскиот тенис Бјорн Борг го дели мислењето со Федерер. Тој најави дека ќе го гледаме најгламурозниот грен-слем во Лондон, токму поради четворицата мускетари Надал, Ѓоковиќ, Федерер и Мари. Додека тој играше тенис на крајот на седумдесетите и почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, за титулата се бореше со Американецот Џон Мекинро и Џими Конорс. Меѓутоа, петкратниот шампион на Вимблдон смета дека споменатото трио не е ниту блиску до денешните најдобри играчи.
„Ние сме во новото златно доба на тенисот. Овој спорт многу се промени. Играчите праќаат страшни удари и конкуренцијата е посилна. Дојдовме во ситуација да има четворица тенисери на врвот, а тоа никогаш се нема случено. Затоа мислам дека овој Вимблдон ќе биде највозбудлив во историјата“, вели 55-годишниот Борг.
„Секој од нив е физички здрав. И логично е да се сретнат меѓу себе во полуфиналето. Федерер оди на Ѓоковиќ, Надал на Мари. Тоа би било повторување на Ролан Гарос“, додава Борг, кој споредувајќи се со денешните најдобри тенисери смета дека е најблиску до Надал според физичката и менталната сила. Сепак, тој тврди дека ниту еден играч, па ниту Шпанецот, не би можел да игра со неговиот прочуен дрвен рекет.
„Кога би требало да се одлучам кој ќе победи на турнирот би се завртел кон Федерер, бидејќи тој е маестрален на трева. Но, и Мари има голема шанса. Многу е позрел и подготвен за шампионската титула. Тенисот кој тој ни го презентира е неверојатен! Точно е дека играше во три финалиња и загуби, ама и Иван Лендл беше таков“, потенцира Борг, кој се повлече кога имаше само 25 години.
Според него во женска конкуренција најголеми шанси има Марија Шарапова, освојувачката на Вимблдон од 2004 година.
ТипсаревиЌ предаде меЧ на три поени до пораз
Српскиот тенисер Јанко Типсаревиќ го загуби финалето на АТП-турнирот во Истбурн. Тој му предаде на италијанскиот тенисер Андреас Сепи и тоа при резултат 7:6, 3:6, 5:3...
Сепи го доби првиот сет, но Типсаревиќ во вториот му врати. Тогаш времето почна да ги руши плановите. На почетокот на третиот сет Типсаревиќ се расправаше со судијата за видливоста на теренот.
И додека тој се караше Сепи го „газеше“ и само ја зголемуваше предноста. При 4:0 Типсаревиќ покажа поголема доза на некултура.
Бидејќи не можеше да се помири со очигледниот пораз почна да го пцуе судијата, времето и се што во тој момент му се најде на патот. Судијата го прекина мечот при 4:0 поради силен дожд. Типсаревиќ иронично му се насмеа в лице. Се врати на терен по половина час. Тогаш српскиот тенисер опуштено го зема својот мобилен и почна да испраќа СМС-пораки. Мечот продолжи, а Типсаревиќ почна подобро да игра. Дојде на 4:2, но се лизна и ги повреди ципите. При резултат 5:3 за Италијанецот, и по првиот поен што го освои Сепи, српскиот тенисер не сакаше повеќе да чека и го предаде мечот.
Типсаревиќ во првото коло на Вимблдон треба да игра со Иво Карловиќ, но поради повредата мечот е неизвесен. |