Број 3461  понеделник, 20 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Политика

Ќе се откаже ли Вранишковски од државјанство?

Во СПЦ го обвинуваат македонското судство, а не одговараат како го амнестираа Пахомие, обвинет за педофилија

Билјана Јовановска

Кога и дали српскиот егзарх Јован Вранишковски ќе биде екстрадиран од Бугарија во нашата држава каде што го чека затворска казна од две и пол години? Во Министерството за правда велат дека една недела по приведувањето на Вранишковски на граничниот премин Калотина во Бугарија, по распишана потерница од овдешниот Интерпол, тие го превеле целото досие и им го испратиле барањето за екстрадиција. Во Министерството за правосилие во Софија, пак, никој не сакаше да го коментира случајот, уште помалку дали тој ќе им биде испорачан на македонските органи на прогонот.

Во Конвенцијата за екстрадиција не е предвиден никаков рок, така што сега се' зависи од ажурноста на бугарското Јавно обвинителство. Претседателот на Бугарија, Прванов, не го прифати барањето на Синодот на Српската православна црква за ослободување на Вранишковски и тој е уште во домашен притвор. Според едни, сместен е во некој од тамошните манастири, а други, пак, тврдат, дека е засолнет кај некој свој пријател со кого студирал во Солун.

Притворањето на Вранишковски, кој поради финансиски малверзации е осуден на две и полгодишна затворска казна, отвора нова дилема. На бугарско-српската граница тој е запрен и уапсен како државјанин на Србија и со нивен пасош, така што сега е можно овој факт да го искористи за одбегнување на казната. Во практика, тоа значи откажување од македонското државјанство, но во случај некогаш да стапне на македонска почва, ќе мора да ја издржи затворската казна. Пред апсењето, Вранишковски изјавуваше дека ќе го понесе и овој крст и ќе оди в затвор, ама сега кога како адут го користи своето српско државјанство. Тоа може да значи и своевидно откажување од т.н. ПОА. Или, почнал порационално да гледа на работите и точно проценил дека духовниците од Српската, па и од Грчката православна црква кои своевремено го создадоа проектот ПОА веќе и не му се толку наклонети.

Солунскиот митрополит Антим, на пример, имајќи предвид дека ПОА нема следбеници во Македонија и во буквална смисла е „пајтон црква“, на Вранишковски му забранил да служи во црквите во Солун. Ова му е дозволено само надвор од градот. Иако одамна од црковен Белград доаѓаат гласови дека голем дел од епископатот на СПЦ гледа дека Вранишковски не е решение за проблемот со Македонската православна црква, туку уште повеќе ја усложнува состојбата, сега внимаваат и во титулирањето на Јован. За познавачите на црковните случувања, на пример, силен сигнал дека нешто чкрипи е фактот дека на Радио Свети Гора, кое е во надлежност на Црногорско-приморската епархија на СПЦ, односно на митрополит Амфилохие, Вранишковски го титулираат со „негово високо преосвештенство“, а не со „негово блаженство“, како што и' прилега на т.н. архиепископска титула што му ја додели СПЦ. Освен тоа, во исто време кога во Белград епископот Иринеј Бачки, говорејќи за судската пресуда на Вранишковски, македонското судство го нарече фарса, духовниците, а и тамошната јавност отворено прашуваат - како српскиот судски систем, при толку докази и сведоштва, го амнестира врањскиот митрополит Пахомие обвинет за педофилија?


#
Статијата е прочитана 1118 пати.

Испрати коментар

Од: Popat kazano
Датум: 20.12.2010 19:55:24
Ke se izpazarat li Srbija i Bugarija? Pregolemo vnimanie ima toj covek.

Најди! во Утрински
Политика
„Алфите“ натепале малолетник, граѓаните поставија барикади
Клуч за забните ординации?
Откорната плочата на бранителите кај Карпалак
Намалување на невработеноста
Новинари да не се користат за пропаганда
Штипска сапуница со зградата на политичките организации
Пари од тужба во хуманитарни цели