Горни палат, гордоста на мијачката архитектура
Во 1814 година, по нарачка на тогашниот игумен, галичанецот Арсениј, започна изградбата на старите конаци во Бигорски
Киро Кипроски
„Св. Јован Бигорски“ - Стојам простум пред местото од каде се извишуваа манастирските конаци и чардаци, во зеленилото на пазувите на планината Бистра, кои надвиснуваа над долината на реката Радика. Од комплексот на Бигорскиот манастир повеќе го нема Горни Палат, ја нема пространата машка трпезарија, ги нема гостинските одаи, ги нема монашките келии, библиотеката, архивата, кујната... Стојат верници, стојат посетители. Немо гледаат во пепелта, во урнатините, во ѕидовите, во гламносаните греди... Се слушаат воздишки за загубеното, за ненадоместливата штета. Утрото на 30 септември, пламените јазици за миг ја проголтаа речиси двевековната богата ризница на нашето културно-историско наследство и богатство, вечната гордост на мијачката архитектура - старите конаци.
Игуменот на Бигорскиот манастир архимандритот Партениј и монашкото братство, само дваесеттина дена пред страотниот пожар, многу се радуваа на осветувањето на обновената и проширена магерница (кујна). „Нема повеќе да се мачат монасите и верниците во подготвувањето на храната за гостите, посетителите, верниците“, ни зборуваше отец Партениј. За патрониот паразник на манастирот (11 септември) и за Иванден (7 јули) кога е најпосетуван манастирот, во кујната се создадоа услови за подготвување на 2.000 оброци. Токму од неа, според првите неофицијални сознанија, поради неисправната електрична инсталација избувна пожарот и го проголта најмаркантниот објект, стариот конак Горни Палат и конакот со трпезаријата.
Во 1814 година по нарачка на тогашниот игумен на манастирот, галичанецот Арсениј, започнала изградбата на Горни Палат кој беше изграден во северниот дел на манастирскиот комплекс. Во приземјето на Горен Палат беа сместени економските простории. Од приземјето со внатрешни скали се доаѓаше на првиот кат, каде се наоѓаше простран чардак, од каде се влегуваше во осум простории, во кои се наоѓаа калуѓерските келии. И на вториот кат имаше средишен простран чардак и се доаѓаше по конзолно - еркерно исфрлени дрвени скали од надвор. На ова ниво се наоѓаа 11 простории, тука беше и владичката одаја. На северната страна се наоѓаа архивата и библиотеката.
Архитектот Коста Граоркоски во книгата „Арсениј од Галичник, ктитор, архимандрит и игумен во манастирот ’Св. Јован Бигорски‘“ ќе потенцира: „Горни Палат ќе остане како нужен патоказ за откривање и создавање на нови погледи во македонск��та современа архитектура. Овој културен споменик со околниот пејзаж прави една нераскинлива просторна синтеза, останува вечна гордост на мијачката - македонска архитектура...“
Северозападно од манастирската црква, во периодот од 1820 до 1825 година беа изградени конакот со трпезаријата, кои со чардак од машката трпезарија беа функционално поврзани со Горни Палат. Во 2002 година, подрумските простории беа преуредени во Галерија на икони, во која се наоѓаа околу 150 икони и други вредни црковни предмети на манастирот создавани во периодот од 17 до 19 век. Во долниот дел се наоѓаше женската трпезарија, која беше преуредена во гостинска просторија. Тука беа поставени уметнички слики на сите игумени на манастирот.
На катот се наоѓаше просторен чардак, од кој се влегуваше во машката трпезарија со димензии: долга околу 29 метри, а широка 7,30 метри. Надолжно беа поставени три реда фиксирани маси и клупи за седење, а во апсидата се наоѓаше полукружна маса со централно поставен владички стол и столови што ја следат апсидата. Пожарот ги уништи и фреските во машката трпезарија: Мајката Божја со Исус Христос, светите Спиридон, Григориј Двоеслов и преподобен Ефтимиј, св Антониј Велики, св. Василиј Велики, св. Атанасиј Александриски, св. Теодосиј , Св. Атанасиј Атонски, св. Георгиј, св. Димитрија, фрескоживописани беа и архимандритот Арсениј, неговиот наследник игуменот Јоаким, архимандритот Хаџи Серафим, архиепископот дебарски Григориј, јеромонахот Теодосиј бил насликан од зографот Дичо Зограф од Тресонче, кој по работата на зографите неговите учители Михаил и Данаил, го довршил живописот на машката трпезарија. Таванот на машката трпезарија беше поделен во три полиња со централно поставени осмоаголни росети и насликан средишен дел .
До машката трпезарија се наоѓа Дебарската одаја, која беше преуредена во гостинска просторија, во која се наоѓаа миндери, долапи, огниште, полици и др. Архитектурата на овој дел кореспондираше со архитектурата на Горен Палат и заедно претставуваше една целина.
Кога отец Партениј стана игумен на Бигорскиот манастир, не само што ја врати духовноста на манастирот, туку постојано преземаше активности и ги реализираше во зачувувањето, одржувањето, проширувањето и надградбата на големото културно богатство . Така, во 1999 година поради прокиснување на покривот над машката трпезарија и постоеше опасност да урне, беше извршена целосна замена на покривната конструкција , беа поставени олуци за одвод на водата и беше извршено препокривање со камените плочки. Сите простории во Горни Палат беа преуредени, беше воведено парно затоплување, а дрвната конструкција постојано се заштитуваше со боја и лак.
Во изминативе 15 година отец Партениј целосно се внесе во оживувањето на Бигорскиот манастир. Нему му е најтешко. Не може да ја преболи болката што пламените јазици му го одзедоа најмилото.
Мијачијата, Долна Река, Дебарскиот регион... за нив Бигорскиот манастир отсекогаш бил и останал свето духовно и културно место, пожарот им нанесе голема болка и тага. Тагуваат сите без разлика на нивната верска определеност, бидејќи тука го наоѓаат својот духовен мир и од светилиштето бараат и добиваат помош. |