Кратката војна на Кавказот изеде милијарди
На кого му штетеше, а на кого му користеше војната во Грузија?
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Претставник на рускиот Генералштаб генерал-полковникот Анатолиј Ноговицин пред странските новинари изјави дека во Грузија нема повеќе престрелки и дека воената операција и дефинитивно е завршена. Сега додека се повлекува руската техника, а генералите „ги бројат чаурите“ веќе се појавија и првите анализи за тоа кратко војување.
Беше тоа мала, скапа но многу сурова војна по која Русија како и Грузија ќе вложат уште многу повеќе пари за модернизација на своето оружје и друга воена техника. Еден ден војување во Јужна Осетија и Грузија, Русија ја чинеше 2,5 милијарди рубли (1 долар = 23 рубли), а Грузија речиси двојно повеќе - 200 милиони долари што во руски еквивалент е дури 4,8 милијарди рубли. До таква оцена дојде центарот за анализа на стратегијата и технологијата. Раководителот на тој центар Руслан Пухов објаснува дека трошоците од двете милијарди рубли што ги потроши Русија се минимална „цена на војната“. Тоа се чисто воени трошоци и на тоа треба да се додадат и оние кои се направени во хуманитарни цели.
Сметката е направена врз основа на трошоците колку чини час летање на авион и хеликоптери, дневното користење на тенкови, оклопни возила и бродови. На тие трошоци треба да им се додаде и цената на уништената или оштетената воена техника. Подоцна ќе биде направена и анализа на другата воена штета, бидејќи се уништени голем број згради и приватни куќи, на оние несреќници на кои на покривите им паѓаа авионски бомби или артилериски проектили. Кога сето тоа ќе се собере ќе се види дека воениот виор „изел“ милијарди долари.
Додека руските генерали се насладуваат со воените трофеи, бидејќи нивната армија зароби 1.728 единици оружје кои при бегање ги оставија грузиските војници, се вадат докази и за странска помош за Саакашвили. Беа покажани автомобилски дипломатски таблички кои се пронајдени во воената зона, а му припаѓале на некој Украинец. Во Москва се прашуваат што тој таму барал.
Генералот Ноговицин тврди дека меѓу запленетото оружје голем дел е произведено во САД. во местото Сенаки недалеку од Абхазија се заробени 764 автоматски пушки М-16 произведени во САД. Русите не го користеа новото суперпрецизно оружје за војување од растојание. Московските воени експерти веќе ја анализираат техничката страна, значи нивото на водење на војна. Ниту една од страните не успеа да ја оствари концепцијата „бесконтактна војна“ што инаку ја користат Американците. Американските ученици, грузиските војници мислеа дека бомбардирањето на главниот град на Јужна Осетија ќе создаде таква ситуација што без големи жртви ќе се „прошетаат“ низ Цхинвали. Сценариото не им се оствари па затоа имаше и многу жртви. Бидејќи се војуваше на стар начин загинаа и беа ранети голем број на војници. Одреден број пензионирани руски генерали меѓу кои е и Павел Грачов кој се „прослави“ со тоа што го убеди Елцин даја „среди Чеченија“ го критикуваат Кремљ што веднаш не реагираше откако Саакашвили го обиколи Цхинвали.
Кога веќе се знаат бројките на загинати и ранети на двете страни се наметнува прашањето: кој доби во оваа војна и што, како и кој колку загуби?
На Русија која е војничкиот победник, оваа војна сигурно не и требаше и тие одамна го предупредуваа Михаил Саакашвили да не си игра со оружје. Кога веќе Грузијците припукаа и влегоа во Јужна Осетија, тандемот Дмитриј Медведев и Владимир Путин со сугестија од Советот за безбедност со кој раководи генералот Николај Патрушев, поранешен директор на Федералната служба за безбедност, одлучија да ја испратат 58-та армија лоцирана на Северен Кавказ. Беа подготвени неколку варијанти на вклучување на армијата, а генералите го чекаа само сигналот.
Интервенцијата на руската армија во Грузија има и една многу важна политичка порака за Вашингтон. Америка по војната во Грузија го загуби монополот на правото дека само таа може да ги превоспитува и им удара „шлаканици“ на непослушните. Раководството во Кремљ покажа дека е подготвено кога се загрозени неговите интереси да употреби и сила. Во Москва истакнуваат дека руската армија морала да реагира за да го сочува образот бидејќи никој повеќе не би и верувал ниту во својата земја, а камо ли во странство. Рускиот академик Сергеј Арутунов кој раководи со Одделението за изучување на Кавказот при Институтот за етнологија и антропологија вели дека со оваа воена акција Русија го зајакна угледот во тој регион. Арутунов нагласи дека сега малите народи на Кавказот гледаат дека русија навистина е зајакната и дека навистина може да биде гарант за мирот, како што тоа овие денови го зборува и претседателот Медведев.
Русија, беше свесна дека западните медиуми ќе бидат против неа, иако Саакашвили го нападна Цхинвали. Значи, донекаде настрада и имиџот на Русија. Освен тоа во Москва се свесни дека САД сега ќе се обидат на меѓународната сцена да и прават разни блокади на Русија. Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи отворено вели дека Москва е свесна дека нема да ја примат во Светската трговска организација, а „сопнувања“ Русија ќе има и на другите полиња.
За среќа Русија е богата со енергенси и метали што му се потребни на Запад, па е нереално да се очекува Вашингтон да ја наговори Стара Европа да воведе некакво енергетско ембарго против Русија.
Што загуби Грузија: најверојатно територија, значи Абхазија и Јужна Осетија, потоа имаше голем број на жртви. Освен тоа Саакашвили е посрамотен на меѓународната сцена бидејќи се покажа дека иако одлично зборува англиски не може правилно да ги разбере сигналите што ги добиваше од Америка. Шефот на Пентагон Роберт Гејтс веднаш ја исклучи можноста за испраќање на војска во Грузија.
Војната во Грузија е лекција за малите народи дека поради нив државите кои поседуваат атомско оружје нема да почнат да лансираат ракети една кон друга. Кој тоа навреме ќе го сфати избегнува да добие „шлаканица“ од некоја од големите сили. Тоа што Роберт Гејтс вели дека односите меѓу САД и Русија можат да бидат влошени на многу години ако Москва не отстапи од својата агресивна позиција во воениот конфликт со Грузија, во Кремљ никого не возбудува. Всушност токму Гејтс рече дека АД не сакаат нова „студена војна“.
Дека Русија адекватно ќе одговори на потпишувањето на договорот меѓу САД и Полска за разместување на ПРО на територијата на Полска во повеќе наврати говореа највисоките раководители во Кремљ. Член на Советот на Руската Федерација, адмиралот Вјачеслав Попов поранешен командант на Северната руска флота објасни дека со потпишувањето на тој договор на руските граници се приближува нова воена инфраструктура од друга земја. Адмиралот Попов предлага Генералштабот во блиска иднина да ги промени потенцијалните цели на руските ракетни и други единици.
По крвопролевањето во Јужна Осетија рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров постојано повторува една реченица што до неодамна Американците им ја кажуваа на Србите. Лавров, а по него и претседателот на Јужна Осетија Едуард Кокојти сега велат: „По она што во војната го направија Грузијците невозможно е тие народи да се согласат да живеат во иста држава“.
Познатиот руски правник Генри Резник потпретседател на Меѓународната асоцијација на адвокати вели: „По прогласувањето на независноста на Косово несериозно е повикувањето на меѓународното право“.
|