Посебни термини за изгубени лични карти и со поминат рок
Се прават напори да се воведе посебна телефонска линија на која граѓаните побрзо ќе дојдат до термини за биометриски пасоши
Даниела Трпчевска
Посебни термини ќе им бидат закажувани на граѓаните што ја изгубиле личната карта или им е поминат рокот на старите документи. Ова се најавите од МВР по одлуката да се иницира пролонгирање на рокот за замена на документите до април 2010 година, со цел да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани. Но, и покрај ваквата одлука, притисокот на аплицирање за нови документи се' уште не стивнува, ниту, пак, драстично е намален бројот на повици на бесплатниот Кол-центар на МВР 0800 192 92, каде што телефоните и во текот на вчерашниот ден беа постојано зафатени.
Иако беше најавено, надлежните се' уште не обезбедија посебна телефонска линија на која граѓаните побрзо ќе доаѓаат до нови биометриски пасоши за патување нив Европа без визи. Термините за закажување за нови биометриски пасоши дотуркаа дури до октомври 2010 година, додека за лични карти веќе се закажува во средината на март 2011 година.
Поради тоа, од Министерството велат дека ќе имаат поголемо разбирање за оние што мора итно да ги заменат документите. „На граѓаните на кои во меѓувреме ќе им истече рокот на важност на документите или, пак, ја изгубиле личната карта, се разгледува можноста да им се дадат посебни термини за побрзо вадење нови документи. Ја разгледуваме можноста дали да им се закажуваат термини во саботите, кога ќе биде помал притисокот во Пасошко, или, пак, да се изнајдат некои други термини“, вели Иво Котевски, помошник-министер за информации во МВР.
На средбата која викендов итно се одржала во МВР, по бројните укажувања и иницијативи за пролонгирање на рокот за замена на старите лични карти место до 27 февруари 2010 година, до април 2012, како што дознаваме, се разговарало и околу можноста да им се излезе во пресрет на поголем број постари лица, за кои вадењето на новите документи е вистински кошмар. Со цел да се избегнат глетките на кои сме сведоци секоја сабота, кога инвалиди и стари и снемоштени лица чекаат пред шалтерите за нови документи, во наредниве месеци ќе се ангажираат мобилни екипи кои ќе одат по градовите.
„Процените се дека во Скопје има околу 13.000 лица на 80-годишна возраст, додека во земјава бројката достигнува околу 50.000. Затоа ја разгледуваме можноста да им се излезе во пресрет на старите и снемоштени лица и тие да не мора да доаѓаат и сами да аплицираат за нови документи. Затоа, размислуваме мобилни екипи да појдат во градовите и да биде орган��зирано фотографирањето, во поголеми групи, во здруженијата на пензионери или во некои други локални организации. На тој начин ќе се олесни целата процедура“, велат во МВР. Се' уште, според надлежните, се дефинираат модалитетите како ќе биде изведена целата постапка, но тие се децидни дека инвалидите и снемоштените лица немаат потреба сами да доаѓаат во Пасошко за да вадат нови документи.
„За да бидат посетени од мобилната екипа во нивниот дом, инвалидизираните лица е неопходно да поседуваат само потврда од матичен лекар, која е бесплатна, или постарите лица да потврдат дека имаат над 80 години“, тврдат од МВР. „Станува збор за недоразбирање дека граѓаните ќе треба да приложат уверение кое чини 1.500 денари. Тоа не е точно, потребна им е само потврда од матичен лекар“, вели Котевски.
МВР во саботата даде позитивно мислење во врска со иницијативата на народниот правобранител за пролонгирање на рокот за замена на старите лични карти со нови. Ваквиот предлог е доставен до Владата, која треба да го разгледа на некоја од наредните седници. Доколку иницијативата биде прифатена, МВР ќе треба да изготви предлог-измени во Законот за лични карти, во кој ќе треба да се промени членот што предвидува замена на старите лични карти во период од три години. Со измените ќе се предложи замена на документите за пет години од денот на нивното издавање, односно до април 2010 година, кога истекува важноста и на старите пасоши. Ваквите измени ќе треба да бидат ставени на гласање пред пратениците во Собранието.
Од Канцеларијата на народниот правобранител се задоволни од прифаќањето на нивната иницијатива за пролонгирање на рокот за замена на личните карти со нови биометриски, бидејќи сметаат дека на овој начин ќе им се олесни целата постапка на граѓаните. |