СЕЛМА ХАЕК
На гости кај Кустурица
Емир Кустурица во септември во Мокра Гора започнува да го снима филмот „Седум пријатели на Панчо Вила и жена со шест прсти“. Екипата потоа се сели во Шпанија и во Мексико каде што ќе продолжи снимањето. Засега е познато дека од странските глумци улога во филмот има Селма Хаек. Емир ова лето ќе одлучи на кого ќе му ја додели улогата на овој мексикански револуционер. Засега во игра се Хавиер Бардем и Џони Деп. Со Џони Деп, Емир работеше на филмот „Аризона дрим“. Тие толку многу се засакале што Деп неодамна изјавил дека „за Емир би скокнал од Ајфеловата кула“. И Хавиер Бардем, исто така, е другар на режисерот и обожавател на музиката на Кустурица, па често присуствува на неговите настапи со другарката Селма Хаек, која сигурно ќе глуми во филмот.
Хавиер Бардем за многумина е како создаден за улогата на револуционерот кој бил голем заводник и се женел многу пати.
„Сценариото е завршено и подготовките за снимањето се во тек. Единствено што е сигурно е дека во филмот ќе глуми Селма Хаек и дека снимањето започнува во септември. А машката улога? Можеби ќе биде Деп, можеби Бардем, а можеби и некој уште појак. Но, не е исклучено улогата на револуционерот да му ја доделам на некој непознат глумец. Се' е во игра“, изјавил Кустурица.
Сценаристот Гордан Милиќ со месеци работел на сценариото кое пред неколку дена беше завршено и предадено на режисерот. |