Градот бара Владата да ја запази мултиетничноста во „Скопје 2014“
Неофицијално, со предлогот на ДУИ, чисто формално се остава можност за изградба на албански споменици
Деспина Трајковска
Советот на Град Скопје ќе и' препорача на Владата да ја запази мултиетничноста и мултикултурата при реализација на проектот „Скопје 2014“. Што конкретно ќе значи ова, не објаснија од советничката група на ДУИ, по чиј предлог беше усвоена препораката од мнозинството градски советници на завчерашната седница на која за владиниот проект се расправаше по двомесечни очекувања. Од ДУИ единствено дополнија оти во ваква форма „Скопје 2014“ претставува провоцирачки проект, бидејќи со него не се рефлектира мултиетничноста во Скопје и во државава воопшто.
Неофицијално, со овој потег чисто формално се отвора можност за проширување на проектот во однос на спомениците, односно за поставување споменици на албански личности на скопскиот плоштад што пред извесен период, наводно, го договориле коалициските партнери во Владата. Дали се остава можност и за изградба на Бурмали-џамијата, никој не сака да коментира.
Предлогот, всушност, како и поголемиот дел од излагањата на советниците не ја тангираше суштината на расправата што требаше да се однесува конкретно на учеството на Град Скопје во владиниот проект. Во случајов, тој е директен носител на активностите за обнова на фасадите и оградите на мостовите, како и во делот на дислокација на делови од инфраструктурата.
Инаку, освен ДУИ, предлог поднесе и советничката група на СДСМ со барање Владата да ја стопира реализацијата на „Скопје 2014“ се' до неговото конечно осмислување заради евентуалното проширување поради задоволување на барањата на албанските политички партии. Сепак, тој заклучок не помина.
Очекувано, расправата за „Скопје 2014“, која траеше речиси три часа, помина во речиси на моменти кафеанска атмосфера, со препукувања меѓу советниците, уфрлувања во збор, обвинувања по разни основи....Неколкупати претседателката на Советот, Ирена Мишева, ги опоменуваше советниците од СДСМ во нивните излагања со укажување дека не се држат до темата. Неусогласени законски постапки и непотребно трошење пари во време на криза, генерално, беа образложенијата на опозициските советниците зашто бараат мораториум на „Скопје 2014“. Советниците, пак, од владејачката коалиција го правдаа проектот потенцирајќи дека тој ќе ��стави траен белег во градот, Скопје ќе добие свој идентитет, ќе се профитира од неколку аспекти...
Тенки беа дискусиите за конкретното учество на Градот во владиниот проект што, всушност, беше и тема на дневниот ред на седницата. Притоа, од ДУИ побараа проектот да вклучи и обнова на неколку фасади во Чаир. |