Лазаров се привикнува на Катар
Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, веќе неколку дена се аклиматизира на условите во Катар, каде што од 17 до 21 мај ќе настапи за локалниот Ал Сад на неофицијалното светско клупско првенство „Супер глоуб“. Најефикасниот играч на Кроација осигурање Загреб и моментално трет на листата на стрелците во Лигата на шампионите, на 12 мај пристигна во Доха заедно со соиграчот Ивано Балиќ. Заедно со Данецот Ларс Јоргенсен, со Србинот Ратко Николиќ и со Хрватот Мирко Алиловиќ, а водени од поранешниот македонски селектор Веселин Вујовиќ, тие треба да му ја донесат втората светска титула на Ал Сад по таа од 2002, кога „Супер глоуб“ првпат се одржа во Катар.
Петкратниот азиски шампион е фаворит во групата Б, во која противници му се истоимениот претставник на Либан и Саудерн старс од Австралија. Групата А ја сочинуваат европскиот првак и бранител на трофејот во ова натпреварување Сиудад Реал, потоа Замалек од Египет и Унопар од Бразил.
Ова ќе биде четврто издание на „Супер глоуб“. Првото се одржа во 1997 година во Австрија, второто во 2002 во Катар и третото во 2007 во Египет. Катар ја доби организацијата од 2010 до 2013 година.
Наградниот фонд е 750.000 долари, од кои 400.000 за победникот, 200.000 за второпласираниот и 150.000 зелени банкноти за освојувачот на третото место. (Р.Д.) |