Битка за Прва лига во Кичево и во Прилеп
Напредок го пречекува Скопје, а 11 Октомври - Брегалница во дуелите за третото место во Втора лига
Миодраг Мицковиќ
Денеска завршува фудбалското првенство на Македонија, се игра последното коло кое не привлекува некое поголемо внимание бидејќи уште од пред неколку кола, особено по исклучувањето на Победа од Првата лига, се беше јасно. Ренова е новиот првак, за првпат во својата историја, Работнички и Металург ќе играат во квалификациите за Евро лигата, третиот учесник ќе биде Пелистер и Тетекс, дилемата ќе биде разрешена по финалниот меч за Купот на Македонија меѓу Работнички и Тетекс. Ако победи Работнички, Пелистер ќе патува во Европа, доколку Тетекс го освои Купот, тој за првпат од своето формира ќе се појави на меѓународната сцена. Во бараж ќе игра Милано, но кој ќе му биде противник најверојатно ќе биде познато по утрешното, претпоследно коло на Втората лига: Напредок или Брегалница.
Токму и поради тоа некако сите погледи на љубителите на фудбалот се насочени кон утрешните два решавачки меча во Втората лига.
Најпрвин да потсетиме. На две кола пред крајот, по оние одземени шест бода на Шкендија на врвот на табелата е Скопје со 54 бода, Шкендија има 51, Брегалница 50, Напредок 48. За многумина Скопје и Шкендија се сигурни во својот пласман во прволигашкото друштво, се бара третиот патник: Брегалница или Напредок. Постојат неколку комбинации. Да почнеме од мечот во Кичево: Напредок - Скопје. Кичевчаните само со три бода можат да се надеваат на тоа трето место во лигата кое води кон прволигашкото друштво, меѓутоа можеби и тие нема да им бидат доволни доколку Брегалница победи во Прилеп во мечот со 11 Октомври. Во тој случај тоа ќе ја сочува предноста од два бода што ќе биде доволно за Првата лига бидејќи е тешко да се поверува дека штипјаните, доколку победат во Прилеп ќе дозволат таков „луксуз“ да загубат или играат нерешено во последното коло на свој терен со Новаци. Со оглед дека има послаб биланс во меѓусебните средби со Напредок, на Брегалница не и одговара ниту реми во Прилеп, само победа да ја води кон Првата лига. Не му одговара ниту на Напредок нерешен резултат со Скопје, бидејќи тоа ќе биде крај на сите прволигашки надежи за кичевчаните, дури и Брегалница да загуби или игра нерешено во Прилеп.
Во сите овие комбинации не ги спомнуваме Скопје и Шкендија. Можат и да загубат Скопје во Кичево и Шкендија утре во Струмица против Беласица, нивната шанса е последното коло кога играат на свој терен: Скопје со 11 Октомври, Шкендија со отпишаниот Охрид. И тоа е голема предност. Освен тоа во меѓусебните средби Шке��дија има подобар биланс од Брегалница и Напредок, Скопје од Брегалница. Како и да се земе, само шест освоени бода во овие две кола се некоја гаранција дека Напредок би бил трет во Втората лига и би се пласирал во Првата, но и тие, како што напишавме, не го гарантираат третото место, зависат од резултатите на неговите конкуренти, пред се на тимот од Штип. Се друго е решено: Влазрими и Охрид испаѓаат, Цементарница ќе игра бараж за опстанок во Втора лига.
Инаку да потсетиме. Натпреварите од Првата лига се играат денес со почеток во 16.30 часот. Се среќаваат: Ренова-Работнички, Вардар-Силекс, Хоризонт-Пелистер и Тетекс-Металург. Овој меч се игра во Боговиње. |