Балканот викендов ќе се трка на Водно
Седумдесетина возачи од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Унгарија, Бугарија и од Македонија викендов ќе учествуваат на седмиот ридско-брзински натпревар „Водно 2010“. Тие ќе се тркаат за бодови за пет шампионати, и тоа за Челинџ купот на ФИА, потоа за Европскиот куп, за Централноевропската зона и за националните првенства на Македонија и на Србија.
Најмоќното возило што се очекува да збрчи на Водно денеска и утре е „осела“ на Црногорецот Аќимиќ со 500 коњски сили. Како и досега, се очекуваат и неколку болида „формула 3“, што навестува атака на рекордот од 1,51 мин. на патеката долга 3,55 км, кој лани го постави Фрањо Кунчар со својата „формула 3 нисан“.
Денеска е тренингот, а натпреварот ќе почне в недела во 12 ч. Покровител е градот Скопје, па трката ќе ја отвори градоначалникот Коце Трајановски. (Р.Д.) |