Задолжителна котизација од наредната сезона
Клубовите ќе бидат обврзани да обезбедат одредени средства чија висина допрва треба да се прецизира
Сашко Ѓ. Димовски
Требаше да се направи многу порано, но како што за се' друго никогаш не е доцна, тоа важи и за воведувањето котизација за учество на фудбалските клубови во домашниот систем на натпреварување. Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата последна седница донесе одлука да воведе котизација за екипите во првата, втората и третите лиги. Висината ќе биде различна во зависност од натпреварувачкиот ранг, а ќе се одреди во серијалот состаноци и консултации со клубовите што од ФФМ го најавуваат за месец јуни. Воведувањето на котизацијата е во спрега со имплементацијата на лиценцниот систем за екипите и во домашната сцена од наредната сезона. Заедничко за двете (котизацијата и лиценца) е финансискиот момент во иднина ќе им налага на клубовите да работат исклучиво преку жиро сметка.
Тоа значи дека зелено светло за играње фудбал во наредната сезона ќе добијат само оние екипи чии спонзори ќе можат да одвојат одредена сума на средства (за првата лига таа не треба да биде помала од 100.000 евра) и ќе добијат лиценца дека ги исполнуваат условите и критериумите пропишани од Европската фудбалска асоцијација кои ФФМ е должна да ги преслика во локални рамки. Притоа средствата на екипите ќе одат на посебни сметки во кои ќе лежат до крајот на натпреварувачката сезона. Фудбалската федерација на Македонија, во меѓувреме, ќе има овластување да активира котизација на одреден клуб доколку истиот не изврши навремена исплата на трошоци за службени лица за натпревари, плати за фудбалери и тренери, и слично. Ако, пак, сезоната ја мине коректно и со навремено подмирени давачки, парите му се враќаат на располагање на клубот. Во спротивно, клубот ќе нема право да рефундирање на средствата и тие ќе завршат за развој на младинскиот фудбал.
Со воведувањето на котизација ќе се регулираат некои работи во мак-фудбалот. Ќе бидеме начисто со фудбалските работници дали се за фудбал или за нешто друго. Општ е впечатокот дека ќе нема повеќе „играм - не играм“ среде сезона, играчите и тренерите ќе добијат поголема сигурност, а не да бидат во немилост на клубовите, ситуација, која, за жал, во не толку мал број случаи е наша фудбалска реалност. |