Туризам
Барселона чартер-виа Скопје
Туристичката агенција „Генералтурист“, веќе ги промовираше пакет - аранжманите за Шпанија со чартер - летови на релација Скопје - Барселона и Скопје - Палма де Мајојрка
Како што наближува летото, се чини како да се олабавуваат стравовите од рецесијата, минусите на картичките почнуваат да изгледаат некако „разумно“, токму онолку колку што е потребно да се сонува и планира летно годишноодморско патување. Во првото лето на визна либерализација за Македонија, европските морски дестинации, сепак, изгледаат поблизу. Туристичката агенција „Генералтурист“ веќе ги промовираше пакет-аранжманите за Шпанија со чартер-летови на релација Скопје - Барселона и Скопје - Палма де Мајорка. Првиот промотивен лет ќе биде изведен на 1 јули од Барселона за Скопје, по атрактивна цена за 59 евра со вклучени аеродромски такси. А потоа може да започне летото со „шпанска врска“.
„Годинава започнуваме да работиме пакет-аранжмани со чартер-летови за Шпанија“, вели Аркан Керим, прв човек на „Генералтурист“ од Скопје. „Полупанскионските аранжмани од 10 дена, во хотели на средоземниот шпански брег, во места на Коста Брава, Коста Дорада и балеарските острови (конкретно Мајорка), ги започнуваме со цена од 399 евра. Тоа се однесува за аранжмани во хотели со три ѕвездички, кои сепак се луксузно опремени. За аранжмани од повисоки категории и, во зависност од периодот на летото, нормално и цената е повисока. Чартер-летовите ги организираме во соработка со шпанската компанија „Ер Јуроп“, која има 40 авиони. Веќе постои значителен интерес за овие аранжмани, а ние се охрабривме да ги работиме, поттикнати од нашето искуство во работата со аранжмани за Турција, кои и годинава продолжуваме да ги работиме. Веќе од 19 јуни започнуваат чартер-летовите за Анталија, каде што промотивниот ’ол инклузив‘-аранжман е со цена од 269 евра. За летовите со Турција соработуваме со авиопревозникот ’Сан експрес‘“, вели Керим.
Одморот во Шпанија е предизвик за посета на повеќе места за време на престојот. Престојот на Коста Брава (Дивиот брег) е можност за откривање на волшебната Барселона - величествена, но со топол дух на мало медитеранско место, Фигерас - родното место на генијалниот уметник Салвадор Дали, шпанската Венеција - местото наречено Ампурија Брава... како и уште милион мали предизвици. За Коста Дорада ( Златниот брег), најголемата атракција е забавниот парк „Портавентура“, покрај неодоливите плажи, каде што песокот се прелева како злато... Главниот центар на островот Мајорка е градот Палма де Мајорка, но се нудат и бројни екскурзии за открива��е на островот...
Всушност, во лето некако се отвораат повеќе можности и соништата изгледаат пореални! (Ј.П.) |