Број 3299  сабота, 05 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Стил

Писмо од Лондон

Стар трик

Повеќе лондонски посматрачи во недоличниот и неморален потег на пазарење на Ферги со лажниот бизнисмен, преправен новинар, гледаат навреда и понижување за принцот Ендрју и за кралското семејство

Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Војвотката од Кент, или само Ферги за овдешните таблоиди, се врати од САД и со себе го донесе првото и (засега) единство свое интервју по скандалот што го предизвика продавајќи го својот поранешен сопруг, односно неговите деловни контакти и врски, на еден лажен бизнисмен, инаку преправен новинар на лондонскиот „Њуз оф д ворлд“. Во разговор со Американката Опра Винфри, поранешната снаа на британската кралица Сара Фергусон се обидува овој за неа тажен случај на јавно уништување на сопствената репутација да го објасни со алкохолот и со тоа дека била пијана. На снимката на тиражниот весник, направена со скриена камера, се гледаат чаши и шишиња со алкохол на масата, како и тоа дека таа не изгледа воопшто војводски, а уште помалку како поранешна принцеза, додека студено се пазари со лажниот „влијателен бизнисмен“, ветувајќи му пристап до принцот Ендрју, барајќи и процент за зделките што тој ќе ги направи, благодарение на нејзиното посредништво.

Колку за потсетување, Ферги на таа средба на рака примила аванс од 40 илјади долари и се договорила уште за околу 700 илјади долари кога ќе биде завршена нејзината работа во договорот. Сега, меѓутоа, откако со Американката Винфри, за која велат дека и' е пријателка, го погледнала прв пат она што го направила, вели дека сето тоа е глупаво од нејзина страна, објаснувајќи дека поради алкохолот „не била со сите“ во тие моменти. Колку ова појаснување ќе и' помогне натаму во одржувањето на нејзините, како што вели, добри врски со поранешниот сопруг, татко на нивните две ќерки, ќе се дознае подоцна, но нервозната реакција од Бакингамската палата за одбрана на принцот Ендрју дека воопшто не знаел што му се прави зад грб, сигурно, трајно ќе и' го затвори пристапот до кралското семејство, кое и досега целосно ја игнорираше поради нејзината зборливост и склоноста за озборување во весниците на своите некогашни роднини. Од тие извори веќе пристигна порака дека таа ќе мора да даде детаљно објаснување за скандалот, или ќе се соочи со парламентарна истрага, зашто поради нејзината блискост со Ендрју се доведува во опасност неговата натамошна улога на владин промотор на британскиот бизнис и затоа што се стравува оти таа, можеби, направила со некого вистинска зделка, како онаа со преправениот новинар. „Нуз оф д ворлд“ во својот последен број инсистира на тоа дека Фергусон има големи финансиски проблеми, долг од четири милиони фунти и оти во таква „очајна ситуација“ би можела се' да направи.

За многумина тоа е и објаснувањето како таа можела да си дозволи да падне на стариот трик, да биде наместена за да прави и да зборува, така како што сакал и очекувал репортерот. Повеќе лондонски посматрачи во недоличниот и неморален потег на Ферги гледаат навреда и понижување за принцот Ендрју и за кралското семејство, па затоа им приговараат што порано не презеле мерки за да не дојде до ова, особено што оној дел од лондонското општество во кое се движи војвотката, од поодамна знае дека таа троши многу повеќе отколку што може да си дозволи. Но, познатиот публицист Филип Најтли се занимава со мотивот на „Њуз оф д ворлд“ да се намести Сара Фергусон, па забележува дека ниту во постапката на репортерот нема многу моралност. Според Најтли, преправањето на разни новинари, најчесто во бизнисмени или во застапници на разни фирми, им изгледа на тие луѓе возбудливо, зашто им носи слава и ја качува нивната цена во редакциите. Тој забележува дека ова е време кога сите редакции имаат проблеми со тиражите и се принудени на рестрикции, каде што најчесто на удар е истражувачкото новинарство, кое е скапо и долго трае. Конечно, не секогаш тоа може да ја постигне саканата цел и да обезбеди високотиражна тема, па затоа се' почесто весниците се свртуваат кон преправањето на репортерите, опремени со скриени микрофони и мали шпионски камери. Тоа е евтина операција и повеќе гарантира успех, од долготрајното истражување на еден проблем или на некаква ситуација, смета публицистот Најтли.

На тој начин новинарите успеаја прво да наместат четворица членови на Горниот дом на британскиот парламент, кои мислејќи дека разговараат со застапници на фирми изјавуваа дека се подготвени да работат како лобисти, трудејќи се во парламентарната постапка да приспособат определени законски проекти за потребите на соодветни компании, кои таа услуга ќе им ја платат на лордовите. Снименото пазарење на лордовите со лажните претставници на вистински компании предизвика истрага во Горниот дом и санкционирање на неговите членови, без разлика што Велика Британија нема најпрецизни прописи околу лобирањето, како што тоа е уредено, на пример, во САД. Повторената „закачка“ овој пат со тројца угледни лабуристи (Стивен Бајерс, Џефри Хун и Патриша Хјуит), сите поранешни министри, непосредно пред парламентарните избори, предизвикаа сега бившиот лидер Гордон Браун да ги суспендира од партијата. Тој го оправда тоа со потребата да се вратат угледот на парламентарците и довербата на јавноста во политичарите, а тие, пак, се бранеа дека, едноставно, биле наместени од репортерите на еден овдешен весник, кои им се претставиле како застапници на фирми што бараат поддршка од политичарите и од нивните врски во политиката и во бизнисот.

Политичарите што претходно најавија дека се откажуваат од активната политика и се повлекуваат од пратеничката работа, беа осудени како „неморални“. Тие, меѓутоа, тврдеа и тврдат „не сторивме ништо лошо“, објаснувајќи дека со лажните посредници зборувале, по принципот „што би било, кога би било“, односно за можноста да се согласат за пари да им вршат услуги, користејќи ги своите политичките врски во политиката и во бизнисот, но дека не е направен каков било конкретен договор.

Редакциите, меѓутоа, не размислуваат така, а не се занимаваат ниту со елаборацијата на Филип Најтли за кризата во која се наоѓаат новинските куќи. Според нив, „преправањето“ на новинарите за да се намести некоја политичка или јавна личност се прави во јавен интерес, за да разберат и откријат определени состојби за кои јавноста треба да знае и е заинтересирана да го знае тоа. Во случаите посочени во ова писмо тоа се атмосферата и состојбите меѓу лордовите, или кај некои лабуристички пратеници, или однесувањето и состојбата на духот кај некој што е блиску до кралското семејство, како во случајот со Сара Фергусон. Откривањето на тие состојби и потребата домашната јавност да ги знае е дел од филозофијата на овдешните медиуми, на која весниците и' даваат нова димензија, користејќи ги старите трикови за новите технички достигнувања, одејќи озвучени и со скриени камери на разговори чија цел, единствено, е „жртвата“ да влета во поставената замка.


#
Статијата е прочитана 690 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Стил
Барселона чартер-виа Скопје
Летна дестинација за македонски стандард
Развод по 40 години брак, шок за Америка
Филм за Наташа Кампуш - девојката со 12-годишно заробеништво
Печалбарски записи на Трпе во книгата „Копанка“
Барокна урбана принцеза со транзициски манири