Печалбарски записи на Трпе во книгата „Копанка“
„Шегите и мајтапите ни го одржувае и ни го крепее духот. Ни го зачувувае умот во миговите на изијет (носталгија) кон родниот крај“, вели во своите записи со мастилен молив Трпе Фидановски, печалабар од почетокот на минатиот век
Киро Кипроски
Печалбарските записи на Трпе Фидановски од долнореканското село Битуше својот печалбарски живот од 1911 до 1947 година го насликал на 27 рачно навезени страни текст со мастилен молив, на мијачки дијалект, а стокмени во книга со наслов „Копанка“, во редакција на неговиот син Гале Фидановски, ја издаде „Југореклам“ од Скопје.
„Веројатно, во миговите кога решил да го пишува овој запис, татко ми не бил свесен дека опишувајќи го својот живот, го овековечува животот на сите битушки печалбари што гурбетувале во првата половина на дваесеттиот век. И не само нивниот, туку и животот на печалбарите во регионот на цела Долна Гора“, констатира во предговорот приредувачот Гале Фидановски.
Печалбарскиот запис на Трпе Фидановски е без наслов, а неговиот син ја насловува книгата со „Копанка“, што претставува ѕидарска алатка направена од штици со една рачка , погодна за носење малтер и вар на рамо. Преку неа, идниот ѕидар, тесар или фасадер започнувал да ги осознава печалбарските искушенија. Во печалбарските записи на Трпе, копанката има многу поголемо значење. Таа е симбол на жилавоста на Македонецот да биде најиздржлив тогаш кога е најтешкото.
„Зеде вујко ми Миле, ми направи копанка. Убава и лесна. Ми ја даде со дова (благослов): ’Еве чувај ја добро. Со бела брада да ја оставеш‘‘.
Со тежината на копанката голобрадото момче Трпе тргнало во белиот свет да си ја бара среќата. Исчезнале пампурите и градовите кои ги носел во мислите. Затоа ќе забележи: „Црно ми се гледаше пред очи. Денот голем. Сонцето печет. Мајсторите - акорданти. Не се провтасувает. Носи, носи малтер - коритата пред мајсторите празни. Малтер! Малтер! - викае без милост. Не прашување дали имаме душа...“
Трпе Фидановски во своите печалбарски записи „Копанка“ има опфатено три периоди на печалбарскиот живот. Во првиот дел како единаесетгодишно дете го опишува своето печалбарско крштавање во Бугарија, вистинското соочување со горчините на гурбетот. Печалбарското зреење го опишува преку талкањето по селата и градовите во Егејска Македонија, барајќи работа, како што самиот ќе запише: „Одевме како обезглавени муви со мевот по лебот“. Својата печалбарска зрелост ја опишува во годините кога со својата мајсторска тајфа работи во Косово, како потврден и ценет мајстор. Во Косовска Митровица се здобива со ма��сторско писмо, со кое веќе е признат мајстор во ѕидарско-тесарскиот занает.
Во почетокот на печалбарскиот запис, Трпе ги опишува традиционалните адети и обичаи на испраќањето на печалбарите на гурбет. Во првата половина на дваесеттиот век, не само што немало никакви превозни средства, туку и патот до Маврово бил обична козја патека.
Без шеги и мајтапи, како што ќе забележи Трпе, тешко се издржуваше жешкото сонце по скелињата, дружбата со мистријата, чеканот и пердашката во испуканите мајсторски раце, тешко се носеше копанката со малтер и вар. И тоа од зори до мрак. Без шеги и мајтапи деновите во туѓина се како недели, неделите како месеци, а месеците како и години. „Шегите и мајтапите ни го одржувае и ни го крепее духот. Ни го зачувувае умот во миговите на изијет (носталгија) кон родниот крај“. |