Филм за Наташа Кампуш - девојката со 12-годишно заробеништво
И покрај тоа што се минати веќе четири години од нејзиното ослободување, Наташа Кампуш се' уште е многу ангажирана околу настанот, кој засекогаш и' го има сменето животот.
Бернард Ајшингер, сценаристот на наградуваниот филм, „Хитлер: Конечниот пад“ започнува со снимање филм за еден од најконтроверзните настани што се случил во Австрија во последните неколку децении: киднапирање, 12-годишно заробеништво и бегството на Наташа Кампуш. Филмот се работи со полна поддршка на Наташа Кампуш, која на Ајшингер му помага околу сценариото, за филмот да биде колку што е можно поавтентичен. Исто така, таа самата ја реконструирала собата без прозорци и целосно звучно изолирана. Во таква просторија таа минала 12 години откако како 10-годишна ја киднапирал и ја затворил психички растроениот Волфганг Приклопил.
И покрај тоа што се минати веќе четири години од нејзиното ослободување, Наташа Кампуш се' уште е многу ангажирана околу настанот, кој засекогаш и го има сменето животот. Има дадено многубројни интервјуа, била ангажирана во неколку рекламни кампањи, од кои најголема била кампањата на ПЕТА, преку која се барало ослободување на сите заробени животни, а медиумски била доста експонирана и по откривањето на стравичните семејни тајни на Јозеф Фрицл. Наводно, разговарала со неговата ќерка Елизабет откако таа со своите деца е префрлена во посебна клиника, но за тоа нема многу зборувано. На австриската телевизија добила и свое ток-шоу, каде што била домаќинка на неколку познати Австријци, меѓу кои и бившиот првак на Формула 1, Ники Лауда. Ток-шоуто во меѓувреме престанало да се емитува, но Наташа продолжила со своите медиумски настапи.
Но, јавноста, особено австриската, не е веќе наклонета онака како што и' беше кога побегна од својот грабнувач. Причината не лежи во тоа што Наташа Кампуш на некој начин „профитирала“ од фактот што тинејџерството го минала во заробена во подрум, туку затоа што постојано ја менува својата приказна за заробеништвото. Првиот шок во јавноста се случи кога се расплакала по веста дека нејзиниот киднапер Приклопил се самоубил, фрлајќи се под воз.
Потоа, дури купи и куќа во која затворена минала 12 години и во која, наводно, често ги минува викендите. Тогаш тргнаа шпекулациите за тоа каков бил нивниот однос, па Наташа признала дека неколку пати со Приклопил излегла од куќата на шопинг, па дури еднаш отишле и на скијање. Но, се правдала дека порано не побегнала од него, затоа што се плашела.
Нејзините пријатели неколкупати им изјавиле на медиумите дека се уверени дека Наташа развила доста ��нтимен однос со Приклопил, но тоа ни самата себеси не сака да си го признае. Токму затоа сметаат дека Наташа често настапувала во јавноста за да се обиде да го оправда разбирањето што го има за човекот што ја киднапирал додека била дете.
Филмот е уште една можност, сметаат пријателите, Наташа Капмуш да ја претстави својата приказна онака како што таа сака да биде претставена во јавноста, што, наводно, е причина, поради која се согласила на целосна соработка со режисерот Ајшингер. |