Ал Гор
Развод по 40 години брак, шок за Америка
По четири децении брак бившиот потпретседател на САД, Ал Гор, се разведува од сопругата Типер. Нивните блиски категорично тврдат дека не е во прашање ниту негова ниту нејзина врска со некој друг, туку едноставно меѓусебно оддалечување
Бившиот американски потпретседател Ал Гор, добитник на „Оскар“ и нобеловец, и неговата сопруга Типер тргнуваат секој по свој пат по четири децении брак, во кој се родија четири деца.
Изненадното објавување на разводот на славниот пар по долгиот заеднички живот не ги шокира само оние што најдобро ги познаваат и кои веќе подолго време биле свесни дека Ал и Типер полека се оддалечиле еден од друг. Бившиот конгресмен и сенатор од Тенеси, кој во сенатот го преземал местото на својот татко Ал Гор постариот, и неговата сопруга за малку во 2000 година ќе станеа и првиот пар на САД. Потпретседателот од мандатот на Бил Клинтон (1993-2000) доби речиси половина милион гласови повеќе од Џорџ В. Буш, но поради системот на гласање, според кој, гласовите се собираат во т.н. електорски колеџи, по контроверзното повторно пребројување на гласовите во Флорида, републиканскиот кандидат стана претседател.
Неуспехот на претседателските избори беше само едно од искушенијата што Горови го минале заедно во долгата врска, која почнала уште на матурата, на која двајцата дошле со различни партнери, траела за време на неговото служење војска во Виетнам како известувач за воениот весник, па подоцнежните бројни политички кампањи, но и нејзината кариера на успешна фотографка... Заедно ја минале и тешката повреда на најмладиот син во сообраќајна незгода, која Ал Гор Третиот едвај ја преживеал и долго закрепнувал.
Пред да ја заземе позицијата на втора дама на САД, Мери Елизабет Типер Гор (родена Ејтчесон) била позната по работата во комисијата што се залагала за обележување на носачите на звук и предупредување за родителите дека стиховите имаат недолична содржина. Типер Гор, која во кампањата се придружила откако и' попречило што тогаш нејзината 11-годишна ќерка ја слуша сексуално експлицитната песна на Принс, „Дарлинг Ники“, секогаш истакнувала дека е против цензурата и забраната на објавување, но само сака родителите да имаат информација за содржината на музиката. Но, против нејзината „претерана моралност“ се побуниле не само Френк Зата, Ди Снајдер од „Твистед систер“, Јело Бафало од „Дед Кенедис“ и Џој Рамон, туку и „невините“ изведувачи како Џон Денвер.
Од текот на претседателската кампања во 2000 година остана запаметен (пре)долгиот страстен бакнеж на Ал и Типер Гор на сцената на конвенцијата на Демократската партија. Тој, во јавноста не баш добро примен излив на страст, очигледно бил еден од последните искри меѓу долгогодишните сопрузи. По неуспехот на претседателските избори Ал Гор се посвети на кампањата за заштита на околината, за што е награден со Нобелова награда за мир, а доби и „Оскар“ за документарниот филм „Непријатна вистина“, во кој го разоткри криењето податоци за глобалното загревање.
Ангажманот на Гор, политичкиот и во борбата за заштита на околината, предизвика тој често да отсуствува од домот и сопрузите се оддалечиле и оладиле, па, конечно, решиле да се разделат во моментот кога двајцата имаат по 62 години, а нивното најмладо дете има 27 години. Оние што се блиски до некогашниот потпретседателски пар категорично тврдат дека не е во прашање ниту негова ниту нејзина врска со некој друг, туку едноставно меѓусебно оддалечување. (Ј.П.) |