Риека
Барокна урбана принцеза со транзициски манири
Риека е еден од ретките градови во светот, чија бурна судбина и каприциозност на историјата се отсликал позитивно на неговиот развој и изглед
Јасминка Павловска
Во ерата на Интернетот, дилемата при секое патување на „воспитаниците“ на некои постари медиуми е дали пред тргнување да го консултираат овој „глобален сезнајко“ за дестинацијата кон која се упатуваат, или да остават на местото на настанот да ја почувствуваат магијата на создавањето ново познанство. Кога станува збор за Риека, градот - најголемото пристаниште на хрватскиот Јадран, можеби и не станува збор сосема ново познанство. Но, сепак, секоја нова средба е можност ново откривање, токму како и секое „сурфање“ на Интернет.
Првиот пријатно изненадувачки момент на патот од Загреб кон Риека за македонскиот патник е новиот (сега веќе целосно завршен) модерен автопат, мазен како кадифе, бројни вијадукти низ карпесто-планинскиот терен, дигитална сигнализација во тунелите... и патарина (исто дигитализирана) од 26 куни (240 денари) за патнички автомобил. Импресивниот шумски пејзаж на Горски Котар е за некоја друга приказна.
Риека, иако сместена на делтата на реката Риечина во Јадранско Море, како своевидна порта кон полуостровот Истра, сепак, не примарно туристички град. Повеќе се смета за деловно-стопански центар на северниот хрватски Јадран, административен центар на Приморско-горанската жупанија и трет град по големина во Хрватска, со околу 120.000 жители. Туризмот започнува на излезите од Риека, кон Опатија на север и островот Крк на југ.
Риека е еден од ретките градови во светот, чија бурна судбина и каприциозност на историјата се отсликал позитивно на неговиот развој и изглед. Зашто, средиштето на Риека денес изгледа барокно и модерно, а тоа воопшто не потсетува на кич. Овој град низ својата историја имал три имиња, словенско-хрватскиот назив Риека, италијанско-унгарскиот Фиуме (што исто означува река) и германскиот Санкт Веит ам Фалум. Велат дека жителите на Риека родени во 1919, а ја доживеале 1991 година - живееле во 6 држави без воопшто да се селат. Поволната географска положба, длабочината на морето во Кварнерскиот Залив (чие средиште е токму Риека) го развил овој град во една од најголемите средноевропски пристаништа и го предодредил за индустриско средиште. Во 180 година пр.н.е. местото Тарстаика (римска населба во подрачјето на денешниот Стар Град во центарот на Риека) првпат се споменува во записите, кога римските легии ги победиле илирските пирати, староседелци на тој простор. Низ историјата ��радот живее турбулентен развој како феуд на австро-унгарски благородници, кои им го предаваат на династијата Хабсбург. Во 1779 година, Риека со одлука на Марија Терезија станува автономен град, директно подреден на унгарската круна. По Првата светска војна, Риека и Истра стануваат голем меѓународен проблем, кој се решава со воспоставување Слободна држава Риека. Но, фашистичкиот режим во 1920 година ја анектира кон Италија, а Кралството СХС, во 1924 година се согласува со тоа. По Втората светска војна со мировниот договор во Париз од 1947 година, Риека и Истра официјално им припаѓаат на Хрватска и тогашна Југославија.
Интересно е што за време на сите овие различни владеења, Риека се градела и денес таа изгледа европско - медитерански, со парчиња од духот на секоја нејзина епоха, вградена во темпераментот на градот. На „страдните“ скопјани, навикнати на дупките низ асфалтните улици и тротоари, не може да им побегнат од око уредната риечка улична инфраструктура, прескапите зонски паркинзи на секој чекор, но и уредените автобуски станици. Низ центарот, т.н. Корзо доминираат баркони зданија, со богата историја, секако, во кохабитација со модерните кафулиња, а кон излезот и ридовите над морето се создадени типични социјалистичко-транзициски населби, во кои препознава блискоста во урбанистичката на сите некогашни југословенски градови. И на некој, можеби по малку перверзен начин, придонесува да се чувствувате блиски и како дома. |