Пиратите ослободија хемиски танкер под британско знаме
НАЈРОБИ - Сомалиски пирати ослободија хемиски танкер под британско знаме, што беше киднапиран минатата година откако беше платен откуп, јавија поморските сили на ЕУ - ЕУНАВФОР. „Утрото на 13 мај беше исплатен откуп на пиратската група што го држеше танкерот „Сент Џејмс парк’ укотвен во Гарасаат“, се наведува во соопштението од ЕУНАВФОР. Притоа не е наведена сумата на откупот.
Танкерот патуваше од Шпанија кон Тајланд кога беше заробен од пиратите на 28 декември. Танкерот има екипаж од 26 лица - тројца Филипинци, тројца Руси, едно лице од Грузија, двајца Романци, петмина Бугари, двајца Украинци, еден Полјак, шестмина Индијци и тројца Турци.
Сомалиските пирати собраа десетици милиони долари од откупи на брегот на Сомалија, и тоа ги зголеми премиите за осигурување за бродски превоз. (Ројтерс) |