Социјалните тензии се причина за убиствата во училиштата
Во период од три месеци се случија шест масакри во градинки и училишта
ПЕКИНГ - Повеќето убиства во училиштата во Кина имаат „длабоки“ корени во социјалните тензии во земјата, на кои треба да се одговори, изјави кинескиот премиер Вен Џијабао. Вен ги даде коментарите за телевизијата Феникс од Хонгконг откако еден маж во рурална Кина, во средата, масакрираше седум деца и две возрасни лица по расправија за најмување на градинката.
Ова е шести напад врз ученици од март, извршен од страна на гневни и растроени луѓе, што доведе до официјални ветувања за „силно“ решавање на проблемот. „Покрај усвојувањето енергични безбедносни мерки, ние, исто така, треба да обрнеме внимание и на решавањето на некои длабоко вкоренети причини зад тие проблеми, како справувањето со некои социјални конфликти и решавањето спорови“, изјави Вен за сателитската телевизиска мрежа од Хонгконг, која емитува програма во Кина.
Коментарите на премиерот се најдиректни досега во врска со крвавите напади што предизвикаа загриженост поради социјалната слабост, а некои сметаат дека тоа го поткопува брзиот економски развој на Кина и предизвикува гнев кај обичните граѓани, особено кај родителите. Лидерите на земјата сега очекуваат полицијата да помогне во решавањето на „социјалните конфликти“, во време на општествена транзиција и неверојатно брз развој, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на бирото за јавна безбедност, Ву Хепинг.
„Со проверка и со елиминирање на конфликтите што се јавуваат меѓу обичните луѓе и со изразување загриженост за сиромашните социјални групи, тие тешкотии би требало да бидат решени навреме. За луѓето со екстремни размислувања или нетолерантни карактери треба да им се обезбеди потребно психолошко советување“, рече Ву. Психијатриската грижа во Кина, особено во руралниот дел, е ограничена или не постои, а условите во одделенијата за психичко здравје често се примитивни.
Последниве години се случија неколку напади врз училишта и универзитети. Во петте претходни училишни напади од март беа убиени 18 лица, 15 деца и тројца возрасни, а повеќе од 80 беа повредени.
Ву, исто така, изјави дека полициските сили ја зајакнале безбедноста во близина на училиштата во целата земја, а посебно ќе работат на проверка и на подобрување на заштитата во приватните институции и во чувствителните училишта, вклучувајќи ги и оние во посиромашните области. (Ројтерс) |