Ердоган првпат ја посети Грција
Турскиот премиер допатува со делегација од 10 министри и околу 100 бизнисмени
ИСТАНБУЛ - Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во Грција, во негова прва посета за шест години. Ердоган е во посета со делегација од 10 министри и околу 100 бизнисмени. Тој треба да копретседава со првиот заеднички состанок на кабинетот меѓу двете земји со неговиот грчки колега, Јоргос Папандреу. Односите меѓу Грција и Турција одамна се затегнати и понекогаш преминуваат во отворено непријателство.
Двете земји и натаму имаат несогласувања околу територијалните права и нафтата во Егејското Море и прашањето како да се оконча поделбата на Кипар - поделен од турската инвазија во 1974 година во северниот дел на островот, како одговор на воен удар поддржан од Атина.
Пред да замине за Грција, Ердоган изјави дека неговата посета има „историско значење“. „Верувам дека потпишувањето на 21 договор и протоколи за соработка ќе го означи почетокот на нова ера меѓу двете земји“, рече тој.
Дописникот на Би-Би-Си од Истанбул јавува дека Турција се надева оти во Грција ќе го постигне она што веќе успеа со другите некогаш отуѓени соседи - Иран, Ирак, Сирија и Русија, односно да ги остават настрана несогласувањата и да се фокусираат на области од заемна корист, особено трговијата. Со оглед на состојбата на грчката економија, Ердоган смета дека такви можности токму сега се ретки, но турски претставници нагласуваат дека тоа, исто така, е израз на солидарност со Грција. Трговијата меѓу двете држави изнесува 2,4 милијарди евра годишно.
Двете земји се надеваат дека отсега, па натаму секоја година ќе одржуваат заеднички состанок на кабинетот. Турција, исто така, сака Грција да ја притисне владата на Кипар за брзо решавање на поделениот остров. Меѓутоа, Грција е против тоа, јавува дописникот, а некои проблеми нема лесно да подлегнат на дипломатски новитети. (Би-Би-Си) |