Уште еден ден страв во Њујорк
ЊУЈОРК - Полицијата од Њујорк расчисти неколку блокови во близина на централниот Јунион сквер, во четвртокот доцна навечер и петокот изутрина, за да испита сомнително возило, но неколку часови подоцна повторно ги отвори улиците, соопштувајќи дека возилото не претставувало опасност. Во локалните вести беше јавено дека два канистра со бензин биле забележани на задното седиште од еден автомобил на Ирвинг плејс, поради што е повикана специјална екипа за да го испита случајот. Меѓутоа, полицијата вчера изутрина даде „чист“ сигнал откако го лоцираше сопственикот на автомобилот „олдсмобил катлас“ од 1991 година и утврди дека нема опасност.
Претставник на полицијата, што сакаше да остане анонимен, на местото на настанот рече дека немало бомба, „само некој што направил нешто за што не знаел дека е погрешно“. Во кулминација на стравот, полицијата затвори неколку блокови меѓу Јунион сквер и Ирвинг плејс, јавија очевидци. Тие, исто така, евакуираа неколку згради. (Ројтерс)
|